Левица одговори на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за купувањето на партиските простории во зграда во центарот на Скопје. Велат дека „идејата за купување дојде од деветгодишното постоење на Левица и сметаат дека е време да ги обезбедат нивните први простории како политичка партија“.
-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, обидувајќи се криминалот кој тие го имаат создадено преку својата „бела палата” која чини 60 милиони евра и за која плаќаат над 10.000 евра сметки за струја месечно, знаејќи дека целата јавност има веќе оформено став за нивниот криминоген имот – пробаа таа флека да ја пресликаат на други партии, но неуспешно.
Премиерот мавташе со документите за овие простории како да се тајни, а всушност сите тие се достапни во катастарот за недвижности. Тие простории беа подолго време оставени празни и секој заинтересиран можел да ги разгледа и набави бидејќи беа изложени со натпис, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.
Според Левица, преставниците на власта претставуваат како партијата да зела цела зграда, кули, хотели, а всушност, како што велат, земавме подрумски простории кои беа руинирани.
-И се работи за хипотекарен кредит кој е земен, не од банката која го нудеше овој имот, туку од друга банка – се обезбедија средства да се купат просториите и тие да се реновираат. Ние не сме најбогатата партија во најсиромашната држава и ние нашите простории ги обезбедуваме на легален и многу транспарентен начин. Во целата приказна со просториите, нема никакво посредство со извршител. Не се наоѓаме во морална стапица, сметаме дека идеолошки, прагматично и во пракса дека приватните извршители се погрешна работа и повторно ќе поднесуваме закони во врска со нив, стои во политичкото соопштение.
-Левица користи гол популизам кога застанува контра извшителите, а добива услуги од нив за да купуваат ефтин имот во центарот на Скопје, обвинија ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ги и партијата и лидерот Апасиев „левичари од Али Експрес“. За владејачката партија спорно што имотот е купен токму од извршител и од банка поврзани и со продажбата на деловниот центар „Соравија“, кој пак, е во реалција со ДУИ. Оттаму додаваат дека „Апасиев, најверојатно, по препорака на Ахмети, добил контакт од извршителот Андреја Буневски, за да се договорат да си купи Апасиев деловен простор од 409 м2, преку одземен имот од граѓани или од фирма, која паднала финансиски и не можела да го исплаќа кредитот“.
-Институциите треба да се позанимаваат со тоа како Апасиев купил простор за 3 пати пониска цена од пазарната и дали постои некаков скриен договор меѓу Апасиев, извршителот и банката, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена од собраниската говорница изјави дека Апасиев е далеку од тоа што се претставува, укажувајќи дека тој пред народот е против извршителите, освен кога од нив купува три пати поевтин деловен простор во центарот на Скопје.