Левица: СДСМ, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат интерпелацијата за Гаши

од Илинка Илиоска
104 прегледи

На два дена пред собраниската седница на која ќе се најде Интерпелацијата за спикерот Гаши, СДС и ЗНАМ сѐ уште се немаат произнесено по истата. Намерата на ДПМНЕ да гласаат против Интерпелацијата и нивниот наратив дека „Гаши е подобар од Џафери“, ги цениме како крајно очајни, велат од Левица.

„Повторно им предочуваме дека на Македонското собрание и на Македонија не им треба некој со капацитет и дејанија споредливи со оние на Џафери, туку им треба целосно сосекување на необалистичките елементи и погубните практики. Потсетуваме дека Левица и во минатиот мандат беше иницијатор за интерпелации на тогашниот спикер Таљат Џафери, а за разлика од останатите политички субјекти, против него имаше поднесено и голем број кривични пријави и иницијативи до Уставниот суд. Оттука, уште еднаш го повторуваме нашиот предлог до нив за избор на претседател на Собранието од пратеничката група на ДПМНЕ, со поддршка на пратеничката група на Левица“, пишува во соопштението на партијата.

Според Левица, Интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, е заснована на седум точки:
1. Повреда на секуларноста на државата;
2. Скандалот на Меѓународниот аеродром во Скопје;
3. Повреда на употребата на македонскиот јазик;
4. Повреда на правилата за употреба на државните инсигнии;
5. Неконстатирање на престанок на мандатот на Таљат Џафери;
6. Патувањето во Вашингтон со неговата сопруга и
7. Повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците и Собранието и продолжување на лошите практики.

„Но и покрај поднесената Интерпелација, спикерот Гаши продолжи со неговиот башибозлук и ја продолжи низата со нови скандали коишто во најмала рака повлекуваат политичка одговорност. Очигледно е дека Африм Гаши нема намера да прекине со неговата злоупотреба на положбата и за само три месеци мандат, дозволи сериозно нарушување на интегритетот на Собранието. Затоа, ги повикуваме парламентарните партии од македонскиот блок на вразумување и оправдување на довербата дадена од граѓаните!“ пишуваат од Левица.

Во меѓувреме, Координативното политичко тело на коалицијата Вреди денеска одржа работен состанок на кој се разгледаа неколку прашања.

„Координативното тело на Вреди ја оценува интерпелацијата против претседателот на Собранието како бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација. Изразуваме безрезервна и едногласна поддршка за претседателот Африм Гаши, нагласувајќи дека оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата „ЛЕВИЦА“, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои всушност со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси“, стои во нивното соопштение.

Слични содржини