Левица: Скопјани нема да добијат поевтин паркинг, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не дадоа поддршка

од Nikola Popovski
29 прегледи

Левица соопшти дека скопјани нема да добијат поевтин градски паркинг откако на вчерашната седница за Иницијативата за намалување на цените на услугите на ЈП Градски паркинг за 50%, гласале само советниците од нивните редови.

Според партијата, со намалување на цените на градскиот паркинг ќе им се овозможеше на поголема група на граѓани кои не се толку финансиски моќни да ги користат услугите на ова јавно претпријатие.

„Поради ужасниот градски превоз и немањето на алтернативен сообраќај, се повеќе граѓани користат автомобил, што претставува огромен издадок за нивниот семеен буџет. Тука спаѓаат и граѓаните кои не живеат во Скопје, но доаѓаат во главниот град поради лекарски прегледи или други обврски“, истакна Катерина Јовановска координаторот на советничката група на Левица која ги повика сите советниците во Советот да им излезат во пресрет на граѓаните.

Како причината за ваквото барање советниците од Левица го наведуваат тоа што врз основа на финансиските извештаи што ги доставуваат јавните претпријатија до Советот на Град Скопје, било видливо оти ЈП „Градски паркинг“ секоја година акумулира добивка.

Партијата информира дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗХГ и ДУИ биле воздржани.

Слични содржини