Од партијата Левица предупредуваат дека и по една година од најавата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за отворен предмет против генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, сè уште нема никакви резултати или информации за исходот.
Станува збор за фирмата „Флугбан Транс“, регистрирана во Ќустендил, Бугарија, уште во 2015 година. Иако активна до ден-денес, оваа компанија никогаш не била пријавена во анкетниот лист на Јанушев, и покрај тоа што тој во меѓувреме бил пратеник, директор на ЈСП и сега е висок владин функционер. Според Левица, со годишен обрт од околу 300.000 евра, прикривањето на оваа фирма претставува сериозен прекршок, но и кривично дело.
Јанушев самиот признал дека поседува фирма во Бугарија, но тврди дека „заборавил да ја пријави“. Иако признанието е јавно, институциите не преземаат ништо. Левица бара Јавното обвинителство да постапи по допрен глас и да отвори истрага, бидејќи, како што велат, станува збор за намерно и континуирано прикривање на имот, казниво според член 359-а од Кривичниот законик.
Партијата потсетува дека ДКСК уште лани соопштила дека во случајот е вклучена и Управата за финансиско разузнавање. Левица бара одговор на клучното прашање: Дали преку оваа фирма се переле пари од сомнителни зделки на Јанушев?
Левица жестоко ја критикува и самата ДКСК, нарекувајќи ја „институција што наместо да гони, аминува корупција“. Потсетуваат дека членовите на Комисијата се избрани со поддршка од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и оттука, како што велат, нема политичка волја за разрешување и одговорност, иако на чело е личност осомничена за корупција – Татјана Димитровска.
Во услови на „институционален мир“, според Левица, скандалозните случаи се заташкуваат или игнорираат. Не само за Јанушев, туку и за фирмата на Максим Димитриевски во Бугарија и за контроверзната продажба на парцели на „Лидл“.
„Партиите молчат, корупцијата цвета, а институциите само гледаат настрана“, велат од Левица.