Левица вчера обвини дека владеачката коалиција вчера организирала коктел-средба по повод изборот на новите заменици-министри во Владата. Пратеникот од редовите на опозициската партија, Сашко Јанчев истакнува дека коктелот бил веднаш по гласањето во Собранието.
-Денес во Собранието се изгласаа заменици министри. Тоа се позиции кои се вишок и непотребни. Понепотребна позиција може да е само министер без ресор.
По гласањето ДПМНЕ ги отпоздрави замениците министри со стоечки аплауз. И тоа не е се, потоа организираа и коктел. Коктел за заменици-министри. Кога е бал, нека е маскенбал, стои во објавата на Јанчев.
Новата влада се комплетираше откако Собранието на 11. седница ги избра замениците-министри. „За“ гласаа 76 пратеници, „против“ беа 16, а немаше воздржани.
Кадровскиот избор за заменици беше остро критикуван од опозицијата, која смета дека од вакви министри не може да се очекува ништо. Обвинуваат дека замениците се партиски послушници, ниту стручни, ниту соодветни за овие ресори, а со ребалансот Владата скратила од парите за лекарите, болните, младите, за да ги обезбеди новите 24 кабинети.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека тој не барал меден месец и 100 дена грејс-период. Смета дека новата влада почнала решително и фуриозно и им порача на новите заменици да не ги разочаруваат граѓаните.