Левица со понуда до партиите да потпишат „Македонска платформа“ составена од пет точки

од Nikola Popovski

Левица побара од останатите партии од македонскиот блок да потпишат т.н. „Македонска платформа“, со која, според партијата, ќе се запрат уцените од партиите од албанското малцинство.

Лидерот на партијата и пратеник, Димитар Апасиев утрово ја објави јавната понуда на Левица за потпишување „Македонска платформа“ во пет точки. Според него, ова е со цел утврдување национален консензус заради превенција од постојните уцени при составување Влада, кои доаѓаат од партиите на албанското малцинство (потписници на т.н. Тиранска платформа), а, како што вели, со единствена цел да се запре понатамошното разградување на Република Македонија и нејзино претворање во полупротекторат.

„1. УНИТАРНОСТ – надминување на федералниот, консоцијациски бинационален модел на држава и напуштање на заостанатиот апартхејд-модел за гетоизација на етничките заедници и националните малцинства;

2. ТЕРИТОРИЈАЛЕН ИНТЕГРИТЕТ И СУВЕРЕНИТЕТ – oрганизирање на Република Македонија во една изборна единица и забрана на монолитни и чисто етнички партии;

3. ИДЕНТИТЕТ – распуштање на т.н. Историски комисии за ревидирање на македонската антифашистичка историја и одлучно „не“ за внесувањето на Бугарите во Уставот;

4. СЕКУЛАРНОСТ – строго одделување на верските заедници и религиозни групи од државата и јавните институции и нивно одданочување;

5. ДРЖАВНИ ИНСТИГНИИ – строга контрола и надзор над правилната употреба на државните симболи (грбот, знамето и химната) од страна на државните органи, општините и приватните субјекти при сите прослави и манифестации“, стои во понудата на Левица до останатите партии од македонскиот блок.

Слични содржини