Левица со свој услов за евентуална поддршка за формирањето нови министерства

од Nikola Popovski
2,8K прегледи

Левица го кажа својот услов, според кој би ја дале поддршката за Законите за реорганизација и трансформација на министерствата во Владата. Како што објави пратеникот Амар Мециновиќ, условот е промена на сегашниот изборен модел.

-Левица има услов за поддршка на измените за реорганизација на органите кои ги предложи Мицкоски: воведување ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА веднаш и имате 6 гласови за реорганизација, објави Мециновиќ на социјалните мрежи.

Колку за потсетување, за усвојување на законите потребно е 2/3 мнозинство во Собранието, кое во моментов владеачката коалиција го нема.

Претходно идниот мандатар Христијан Мицкоски информираше дека ги поднел законските измени за реорганизација на државната управа. Предвидено е Министерството за економија и труд да биде Министерство кои ги опфаќа дел од ингеренциите од старото министерство, но додаден и сегментот труд, за да можат работодавачите и работниците да бидат во едно место.

Според Мицкоски, Министерството за социјална политика и труд ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт нема повеќе да постои и ќе има посебно Министерство за спорт.

Досегашните надлежности на Министерството за економија во делот на рударството и енергетиката, ќе бидат дел од новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Исто така, делот од ингеренциите кои ги имаше Министерството за економија, во делот на туризмот, ќе бидат присоединети во новото Министерство за култура и туризам. Ново министерство ќе биде и Министерството за администрација.

Слични содржини