Левица: Според пријавениот имот, Мицкоски е отуѓен од проблемите на обичниот Македонец

од Nikola Popovski
109 прегледи

Доколку се погледне имотот кој новиот премиер, Христијан Мицкоски, го пријавил како личен, веднаш може да се забележи дека тој е сосема друга, непозната класа од онаа на која огромниот дел македонски граѓани припаѓаат – сиромашната. Оттука, тој е и отуѓен од проблемите на обичниот Македонец кој секојдневно преживува, додека неговите владари се луксузираат, велат од Левица преку соопштение за анкетниот лист на новиот претседател на македонската Влада.

Од партијата на Димитар Апасиев потсетуваат дека Мицкоски поседува куќа во Влае купена за 26,8 милиони денари (450 илјади евра), имот кој го стекнал со купопродажен договор во 2014 година, кога бил професор на Машинскиот факултет во Скопје. Обвинуваат и дека пријавил и девизен влог во евра, но без износ.

-Дополнително, во Анкетниот лист тој пријавил и дека има два часовника во вкупна вредност од над 60 илјади евра, како и уметничка слика што ја купил дури 10 илјади евра. Оттука и не е изненадувачки што во тазе – усвоената Програма за работа на Владата за 2024-2028 година нема ништо со што ќе се заузда капиталот и ќе се оданочат луксузите во кои „се дават“ македонските богаташи, додека народот не може да подмири основни трошоци за живот. Напротив, во оваа програма на новата Влада дури се предвидува олеснување и ослободување од даноците за богатите, за што теретот за трошокот на државниот апарат повторно паѓа на рамото на работниците, порачуваат од Левица.

Според партијата, со Програмата на новата Влада на чело со Мицкоски, извесно е дека државата нема да биде ништо повеќе од извршен одбор на владеачката класа.

-Нивното мнозинство во Собранието, волјата на владеачката класа само ќе ја преточува во закон, со што формалноста „еднаквост пред Уставот и законите“ останува параван зад кој се кријат реалните и огромни класни разлики и нееднаквости меѓу луѓето. Сето ова е уште еден показател дека насушно е потребно да се воведе нов олигархиски данок на луксуз за енормно скапите т.н. луксузни добра кои ги поседуваат и со кои се китат богатите, а токму ваков данок е предвиден во Изборната програма на Левица, стои во ставот на Левица.

Интересно е што Мицкоски во анкетниот лист пријавил дека има два часовника, кои ги поседува од 2015, односно 2016 година. Едниот околу 40.000 евра или околу 2,3 милиони денари, додека другиот часовник околу 800 илјади денари или околу 13 илјади евра.

Премиерот Мицкоски не објаснил како ги набавил овие два луксузни часовници од швајцарски марки, односно дали ги купил или ги добил на подарок.

Мицковски во анкетниот лист пријавил и уметничка слика која во 2016 година ја купил за 10 илјади евра. Нема сопствено возило.

Слични содржини