Левица: Стефковски мандатот го искористи за на неговиот другар да му овозможи милионски тендери, а на граѓаните мизерија

Стефковски не ја гледа мизеријата во општината затоа што е зафатен со грижа за тоа како јавните пари да ги насочи кон фирмата на својот најблизок пријател, обвинуваат од Левица

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: Фејсбук

Во општина каде улиците се распаѓаат, каде секоја поголема дождовна капка претвора цели маала во мочуриште, каде десетици семејства и денес немаат канализација и неретко се оставени без вода, каде децата растат во нечовечки услови – градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски од ДПМНЕ, ги сврте очите на другата страна. Тој не ја гледа мизеријата во општината, затоа што е зафатен со грижа за тоа како јавните пари да ги насочи кон фирмата на својот најблизок пријател, пишува во објавата на Левица – Гази Баба.

Oттаму велат дека станува збор за „ЛАКИТЕРМ“ ДООЕЛ, фирма во сопственост на Мики Милевски. Според Левица, тоа е човек со кој Стефковски без срам позира претставувајќи го како најдобар пријател.

-Токму тој другар, благодарение на партиската врска и расипничкиот карактер на Стефковски, добил тендери вредни над 9 милиони денари. 3,6 милиони денари за Државен студентски дом „Скопје“. 4,4 милиони денари за ДСД „Томе Стефановски – Сениќ“. 1 милион денари за ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци.

За Стефковски и ДПМНЕ, граѓаните на Гази Баба се последни на листата на приоритети. Додека луѓето тонат во кал, дишат канцероген воздух и се гушат во урбанистички хаос, тој ја користи градоначалничката фотелја како банкомат за своите најблиски, стои во партиското соопштение.

Од партијата на Димитар Апасиев наведуваат дека секој ден поминат со ваква власт е уште една рана врз Гази Баба.

-Ова е општина со сериозен потенцијал за развој и место кое заслужува нормални услови за живот, но Стефковски нуди само корупција, криминал, тендери за „привилегираните“ и евтини пиар објави кои никако не ја одразуваат неговата улога како градоначалник.

Ќе дозволиме ли Бобан Стефковски и ДПМНЕ повторно да ја претворат Гази Баба во приватна касичка за другари и партиски послушници, или конечно ќе ставиме крај на ова расипништво?, заклучуваат од Левица