Партијата Левица забележува дека ревизорскиот извештај за Државен архив на Македонија го потврди она на што архивистите и стручната јавност повеќе од една деценија укажуваат и предупредуваат – дека со исселувањето на Архивот од неговата наменски изградена зграда и сместување во зградата на Археолошки музеј, каде нема никакви услови за чување на архивски материјал, свесно и системски се доведува во прашање опстанокот на историската документација од трајна вредност.
Според Левица, ревизорите јасно нотираат дека не се исполнети основните услови што треба да ги имаат депоата за чување архивски материјал, како и дека постојат сериозни пропусти во заштита од неовластен пристап што го доведува под директна закана архивскиот материјал кој е јавната меморија за континуитетот на македонската нација.
-Ова го отвара и прашањето кој ќе сноси одговорност доколку снема некои од документите, или трајно се оштетат или, пак, се наруши доверливоста на тајноста на материјалот што се чува?
Да потсетиме дека со одлука на владата на Никола Груевски во 2009 година, за изградба на Археолошки музеј на кејот на Вардар и префрлање на Архивот во таа зграда започна голготата на Државниот архив. Со бруталната одлука на ДПМНЕ и Груевски да ја одземе наменски изградената зграда за архив уште во 1969 година и да ја додели на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Архивот беше откорнат од својата наменска институционална основа.
Зградата изградена и опремена со специјализирани депоа, со маркица за второ депо и со сите предуслови за долгорочно архивско чување е доделена на обвинителството без стручна и јавна расправа и без никој да постави прашање и да ја провери вистинитоста на одлуката на Груевски за изградба на нова зграда во која се вели дека Архивот на Македонија плаќа кирија во сопствената наменски изградена зграда. Дополнително, постојат сериозни прашања за тоа како Обвинителство користело средства од странски фондови за реновирање на објект кој не е нивни имот и кој е архитектонски проектиран за сосема друга намена, за архив, истакнуваат од опозициската партија.
Левица оценува и дека екс-премиерот Зоран Заев и СДСМ, пред да ја преземат власта од неговиот претходник Никола Груевски, ветуваа враќање на Архивот во неговата наменска зграда, но откако стапија на власт, не само што не го исполнија ветеното, туку и манипулираа со јавноста за изградба на нова зграда.
-Денес, власта на ДПМНЕ и Мицкоски е исто така глува и слепа за барањата на архивистите.
Очигледно е дека за ДПМНЕ и СДС архивската документација не претставува државотворна вредност, туку непотребен товар. Наместо да се поништи катастрофалната одлука од 2009 година и Архивот да се врати во наменски изградената зграда, повторно се манипулира со најави за изградба на нова зграда.
Прашуваме:
-Зошто зграда градена по сите стандарди за архив е доделена на обвинителството?
-Зошто обвинителството не реагирало иако било свесно дека влегуваат во зграда која е архитектонски проектирана да биде Архив?
-Како Обвинителството земало пари од странски фондови за реновирање на зграда која не е нивни имот?
-Зошто ниту една власт не ја поништи спорната одлука и го врати Архивот во таму каде што му е местото?
– Кој ќе сноси одговорност доколку исчезнат документите?
Затоа нашето прашање не е кога ќе се гради нова зграда туку: Кога ќе биде поправена катастрофалната грешка и Државниот архив ќе биде вратен во сопствената наменски изградена зграда за архивско чување на државотворната документација, бараат одговор од Левица.