Левица утрово обвини дека министерот за здравство, Арбен Таравари го приватизира јавниот паркинг на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, лобирајќи, како што велат, албанска компанија да стопанисува со паркингот преку јавно-приватно партнерство во траење од 20 години. Со ова, според Левица, „Таравари стана епитет на политичка корупција, кој одработува за контроверзна фирма од странство“.
Левица открива дека компанијата е поврзана со крупни скандали во Албанија, каде се спомнува и политичка корупција.
-Градежната компанија „Ѓока Констракшн“ била инволвирана во скандал поврзан со изградба на тунели, кои се урнале поради работа со неквалитетни материјали. Дополнително, оваа албанска компанија се спомнува и дека била дел од лобирање кај политичари од Албанија! Скандалозно е што државата нема 10 милиони евра да инвестира во паркинг на Клинички центар, додека власта се задолжува со 500 милиони евра за предизборен поткуп на локалните избори. Левица јавно го прашува министерот Таравари: колку провизија добил од контроверзната албанска компанија за пациентите да плаќаат повисоки цени за паркинг?!“, стои во партиското соопштение.
Компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар. Ова за БИРН го потврдил министерот за здравство.
На огласот, кој беше распишан на 15 ноември се јавила само „Ѓока констракшн“, која е формирана во Тирана во 1994 година, од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје. Според проценката на Министерството за здравство, инвестицијата би го чинела концесионерот нешто над десет милиони евра.
Проценките се дека Клинички, во моментов, има 1 007 паркинг места, па со плус од 843 би имало паркинг за сите.
Според условите во огласот на Министерството за здравство, чиј рок за поднесување понуди е изминат, гаражите треба да ги изгради приватниот партнер – концесионер. Тој би стопанисувал и со целиот паркинг на Клинички, со кој сега менаџира ЈП „Градски паркинг“. Обврска на концесионерот е и да ги проектира, изгради, управува и одржува монтажните гаражи, како и другите места за паркирање.