Левица вчера објави дека членката на ДКСК, Цвета Ристовска, свесно и намерно, иако законски била должна, од анкетниот лист ги изоставила фирмите на своите синови. Станува збор за две активни компании, БУСТ МЕДИА ДООЕЛ и БУСТ ДООЕЛ увоз-извоз, формално регистрирани за „маркетинг“. Од партијата велат дека тие во ниту еден момент не се пријавени во анкетниот лист на антикорупционерката Ристовска, документ кој треба да гарантира целосна транспарентност токму кај оние што одлучуваат за корупција, санкции и одговорност.
-Причината зошто овие фирми биле скриени од анкетниот лист станува повеќе од јасна кога ќе се погледнат финансиските текови. Само во 2024 година, во рамки на изборната кампања за претседателските избори, една од фирмите на синовите на Цвета Ристовска директно од партиската каса на ДПМНЕ инкасирала над 2.200.105 денари!
Сликата за оваа мрежа станува уште поалармантна ако се има предвид дека токму финансиските извештаи на политичките партии за изборните циклуси се доставуваат и до ДКСК, која треба да утврдува неправилности и сомнителни трансакции. Со други зборови, Цвета Ристовска, која претходно ги прикрила фирмите на своите синови, треба да проверува дали милионските приливи од партиската каса на ДПМНЕ кон фирма на нејзиното најблиско семејство се законски и коректни, порачуваат од партијата на Димитар Апасиев.
Оттука, додаваат од Левица, воопшто не треба да нè изненадува што Ристовска не се иззема ниту во постапката за одлучување по дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски, стекната на универзитет каде таа самата била ангажирана како предавач.
-Неизземањето очигледно ѝ е воспоставена пракса. Ова е суштината на заробената држава – институции што формално постојат, но суштински функционираат како дел од партиско-коруптивниот октопод на ДПМНЕ и Мицкоски. Антикорупцијата е сведена на фарса, а Комисијата во алатка за аминување и заташкување на корупцијата на власта.
Левица ќе продолжи со целосно разобличување на овие шеми со јавно разоткривање на финансиската и политичката позадина и давање одговор зошто корупцијата на ДПМНЕ е недопирлива, а „антикорупционерите“ се нејзини најверни чувари, стои во партиската реакција.
Лани во август, Ристовска беше едногласно избрана за заменик-претседател на Комисијата, позиција од која ќе раководи со органот, по оставката на поранешната претседателка Татјана Димитровска.