Во текот на минатата недела, во акција на Охридската полиција, со поголема количина дрога биле уапсени три лица, за што им е изречена и мерка притвор. Левица соопшти дека се работи за лица кои се директни поддржувачи и финансиери на партијата на Максим Димитриевски, ЗНАМ.
Според Левица, настанот е евидентиран само во дневниот билтен на МВР, додека отсуствува било каква информација до медиумите.
Оттаму партијата на Димитар Апасиев јавно прашува „дали Министерството за правда е доделено на оваа партија за да ги штити криминалците во своите редови кои директно ја финансираат?“.
-Ја информираме јавноста дека овие лица одамна ѝ се познати на полицијата по своите криминогени активности, но поради нивните врски со високи функционери, истите никогаш не се изведени пред лицето на правдата. Впрочем, уапсените лица се во роднински врски со џелатот на транзицијата – Бранко Црвенковски и истите јавно ја поддржаа партијата ЗНАМ на последните избори.
Левица го повикува новоизбраниот министер на МВР, Панче Тошковски, да не се обиде да го заташкува овој случај, со цел да го заштити својот помал коалиционен партнер! Јасно е дека проектот ЗНАМ е составен од истрошени политичари и криминални финансиери, кои биле директно дел од трулиот систем на неказнивост и како такви, немаат ниту капацитет, ниту политичка волја да спроведат реална промена за обичните граѓани, стои во соопштението на опозициската партија.