Прераспределбата и намената на „унгарскиот кредит“ потврдува дека државата е заробена од политичко-економската елита, која се грижат единствено за профитот на богатите, додека работниците, земјоделците и пред се младите, соочени со инфлација и економска криза, обезбедувањето на гола егзистенција им е се потешко и потешко. Ова го потврдува проширувањето на намените на „унгарскиот кредит“ од страна на Владата, која во отсуство на долгорочна визија за економски развој, средствата од кредитот којшто ќе го враќаат сите граѓани го вбризгува само во бизнис елитата блиска околу себе, обвинија денеска од Левица преку соопштение.
Од партијата додаваат дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ продолжува да се води од неолиберална логика претходно воспоставена од ДУИ и СДСМ. Според нив, проширувањето на намените на кредитот за изградба на трговски центри е јасен показател дека повторно се фаворизираат интересите на големите бизнис-групации, за проекти кои немаат суштинска додадена вредност за граѓаните и државата.
-Се поставуваат прашањата: Како изградбата на трговски центри ќе го подобри квалитетот на живот на работниците кои едвај врзуваат крај со крај? Зошто Владата не ги насочи овие средства за поддршка на мали и средни претпријатија? Зошто не се насочат за развој на земјоделието, или за поттикнување на индустриското производство? Или пак не се вложат во ефективно решавање на енергетската криза преку создавање државни капацитети, прашаа од партијата на Димитар Апасиев.
Бизнисот ги чека 250-те милиони евра, пари од унгарскиот кредит. Од Владата велат дека најдоцна до крајот на месецов овие средства, кои се дел од првата транша за стопанството, ќе станат оперативни.
Парите првин ќе бидат префрлени во развојната банка, а фирмите потоа ќе можат да аплицираат во комерцијалните банки.
За разлика од компаниите, средствата за општините се веќе легнати и веќе се реализираат проекти. И за општините беа наменети 250 милиони евра.
Со останатите 500 милиони евра, од унгарскиот кредит тежок една милијарда евра се покри еврообврзницата издадена во 2018-та година.