„Најавата од министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, за нова еврообврзница од 700 милиони евра во 2026 година, наводно за рефинансирање на обврските што доспеваат истата година, заедно со дополнителните надворешни задолжувања, од една милијарда евра од Унгарија и дури шест милијарди евра од Велика Британија, отвора сериозни прашања за долгорочната стратегија на јавниот долг и фискалната одржливост на државата.
Наместо реформи за зголемување на буџетските приходи, намалување на непродуктивните трошоци, борба против корупцијата и елиминирање на клиентелизмот, Владата продолжува со агресивно задолжување. Тоа не е економска политика тоа е фискален популизам, каде краткорочната политичка стабилност се купува со долгорочна економска нестабилност. Загрижувачка е и неодговорната изјава на министерката Кочоска дека „не е страшно да се надмине психолошката граница на задолжување“. Ваквиот став сведочи за комплетно занемарување на јавниот интерес и сериозноста на долгот што ќе го враќаат идните генерации.
Домашните банки веќе беа исцрпени за финансирање на Буџетот за 2025 година, што значително го ограничува кредитниот потенцијал за реалниот сектор. Сега Владата повторно се насочува кон меѓународните финансиски пазари, со што ја става државата во уште подлабока зависност од странски капитал и геополитички влијанија. Особено сомнителен е „развојниот“ заем од шест милијарди евра од Велика Британија, сума која далеку го надминува капацитетот на македонската економија и наликува повеќе на инструмент за геополитичко впрегнување, отколку на реална економска помош.
Недостасуваат транспарентност, детални услови и јавна дебата за овие задолжувања. Ова никако не е планирање, туку е државно коцкање со иднината. Левица бара мораториум на понатамошно задолжување без јавна расправа; строго ограничување на задолжување само за продуктивни капитални инвестиции со јавен поврат; ревизија на сите стратешки договори што ја загрозуваат економската и фискалната независност на државата како и преориентирање на буџетот од субвенции за странски фирми кон поддршка на домашната индустрија, земјоделство и енергетика“, се вели во соопштението на Левица.