Левица: Власта го одби амандманот за ин-витро ваучери, грижите за наталитетот им остануваат само празни зборови

„Владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ без дебата, го одби и овој амандман. Наместо да изберат политика што навистина го поттикнува наталитетот, избраа да ги игнорираат реалните потреби на граѓаните“, соопштија од Левица

од Nikola Popovski
90 прегледи

Во низата амандмани кон Предлог-Буџетот за 2026 година, Левица побара да се зголеми буџетската ставка за биомедицински потпомогнато оплодување за дополнителни 5 милиони евра. Причината е едноставна, велат од партијата, Македонија се соочува со пад на наталитетот, а една од причините е и здравствената дисфункција која спречува многу семејства да добијат свое дете.

Во такви услови, програмата за ин-витро мора да биде засилена, а не оставена да запаѓа во бирократска летаргија.

Пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, посочи дека и покрај тоа што Фондот за здравствено осигурување нуди ваучери, самите корисници и понатаму плаќаат речиси половина од целата процедура од свој џеб. Според него, тоа ја поништува суштината на програмата и наместо вистинска поддршка, станува само делумна помош што за многу семејства е финансиски недостижна.

-Зголемувањето на средствата е првиот чекор кон поправичен и функционален систем, кој ќе им го олесни товарот и ќе им даде реална шанса на семејствата што најмногу ја чувствуваат оваа борба.

Сепак, владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ без дебата, го одби и овој амандман. Наместо да изберат политика што навистина го поттикнува наталитетот, избраа да ги игнорираат реалните потреби на граѓаните и докажаа дека нивните грижи и мантри за наталитетот се само празни зборови или десничарски диктаторски чинови со коишто на граѓаните, без обезбедување на соодветни услови и можности, им наредуваат да имаат повеќе деца, порачаа од Левица преку соопштение.