„Левица“ обвинува дека владејачката коалиција ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ повторно го злоупотребува државниот буџет за луксузни патувања, под параванот на „меѓународно претставување“. Најнов пример е посетата на Јапонија, каде отпатувале над 20 владини претставници, министри, советници, портпароли и нивни сопруги, во скапо платена делегација без јасна корист за државата. Владата веќе потрошила над 10 милиони денари само за организација на настапот на саемот.
„Овие патувања наликуваат на свадбени тури со државна логистика“, посочуваат од „Левица“, потсетувајќи на претходни случаи со членови на семејствата на функционери кои патувале на државна сметка. Особена критика се упатува и кон премиерот Мицкоски, кој патува со бизнис класа и приватни авиони, додека најавува и набавка на нов владин авион. Левица бара итно и транспарентно објавување на сите трошоци поврзани со оваа посета, поединечно за секој член на делегацијата, со објаснување за неговата или нејзината улога.
„Овој однос кон јавните средства е навреда за граѓаните кои се борат за основна егзистенција“, реагира партијата.