Левица: ВМРО-ДПМНЕ преку Гаши се обидува да ја забрани Надзорната расправа за Кочани

од Nikola Popovski
39 прегледи

Пратеничката група на Левица обвини дека претседателот на Собранието, Африм Гаши постапува под диктат на ВМРО-ДПМНЕ и се обидува да ја спречи најавената надзорна расправа за трагедијата во Кочани, каде што во март годинава загинаа неколку млади лица во пожар во дискотека.

Според соопштението на Левица, Гаши преку интерен службен допис вршел институционален притисок врз претседателот на Постојаната анкетна комисија за човекови права, проф. д-р Димитар Апасиев, со цел да ја спречи расправата која, како што тврдат, е од „највисок јавен интерес“.

Надзорната расправа, со наслов „Пропустите на државните органи кои придонесоа за трагедијата во Кочани на 16 март 2025“, била закажана по Четвртата седница на Комисијата на 17 јуни. Иако пратениците од владејачката коалиција (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ) ја бојкотирале седницата, Левица тврди дека одлуката за расправа е валидна, бидејќи е донесена со потребното мнозинство од една третина од членовите.

Претседателот на Собранието, велат од Левица, „нелегално и надвор од своите надлежности“ заклучил дека Комисијата немала основ да заседава и да донесува одлуки, што претставува, според нив, обид за блокада и политичка саботажа.