Работниците во друштвата основани од ЈП Паркови и зеленило Скопје – Флораком ДООЕЛ и Луна ДООЕЛ – веќе три месеци немаат земено плата. Работничките организации при овие две друштва, пред одржувањето на вонредната Седница на Советот на Град Скопје, која се одржа на 17-ти јануари, до сите координатори на советничките групи во Советот како и до Градоначалникот на Град Скопје, испратија барање за овој нивен проблем да се најде на дневниот ред на веќе закажаната 17-та седница на Советот на Град Скопје, соопштија од Левица.
Но, очигледно никој од буржоаските партии во Советот не беше заинтересиран за решавање на овој проблем па оваа точка не се најде на дневен ред воопшто. Поради тоа што седницата беше закажана како „вонредна“ Претседателот на Советот, проф. Трајко Славевски, не даде можност да се надополни дневниот ред.
Оттука, веднаш после Седницата, нашите советници во Советот на Град Скопје, потегнаа иницијатива, односно барање за свикување на вонредна седница на Советот на Град Скопје со една точка на дневен ред: Донесување на Одлука за одобрување на субвенции за потешкотии во работењето на ЈП Паркови и зеленило Скопје со намена за деблокада на сметката заради исплата на неисплатените плати.
Според стаутот на Град Скпје, за свикување вонредна седница потребна е поддршка од најмалку 1/3 од членовите на Советот, односно согласност од најмалку 15 советници. Ова барање е доставено до сите советнички групи во Советот на Градот Скопје, да се надеваме дека советниците ќе се одважат и нема да ја попречат можноста на Советот да се расправа за проблемот на работниците во Флораком и Луна при ЈП Паркови и зеленило и да се изнајде решение во корист на работниците!, додаваат од партијата на Апасиев во своето соопштение.