Левица: Вратен закон поради употреба на Република Македонија – Гаши со ВМРО ДПМНЕ по стапките на Џафери

од Nikola Popovski
270 прегледи

Произволното толкување на собранискиот Деловник на “велемајсторот за скандали”, спикерот Африм Гаши кулминираше минатата недела, кога предлог-закон на пратеничката група на Левица беше вратен поради употреба на името „Република Македонија”, велат денеска од Левица преку соопштение.

Се работи за предлог-закон за изменување на Законот за работни односи, поднесен од пратеничката група на Левица, во кој, како што велат од партијата, за спикерот Гаши е недозволиво да стои „Деловник на Република Македонија”.

„Лицемерието на партијата на Мицкоски, која има апсолутно мнозинство во Собранието, повторно се докажува во однос на националниот идентитет, бидејќи токму тие со 64 пратеници ја бетонираа Северна во над 60 закони.

Понижувањето на достоинството на македонскиот народ, кое започна со Тиранската платформа на СДС и ДУИ, продолжува со Косовската платформа на ДПМНЕ и ВРЕДИ. Токму во опозиција, пратениците од ДПМНЕ жестоко реагираа против тогашниот спикер Талат Џафери, кој одбиваше да процесира предлог-закони со употреба на Република Македонија. Токму оние кои во опозиција обвинуваа дека „преименувањето на македонски во национални шуми е еднакво на национално предавство”, уште во првите месеци на власт со законски измени ги избришаа “македонски шуми” од Законот за шуми.

Ваквата дрска забрана за употреба на Република Македонија е продолжување на анти-македонските политики на Талат Џафери, кој за ДПМНЕ во минатото беше докажан автократ. Сега, кога токму нивниот спикер ја забранува употребата на Република Македонија, ДПМНЕ молчи и ја бетонира неправдата со нелегитимно наметнатото име на државата. Партијата на Мицкоски, и со апсолутна и референдумска поддршка, повторно се докажа дека е послушен колаборатор на предавничките политики на СДС – и ниту едно национално понижување на македонскиот народ не може да е реалност без активно учество на ДПМНЕ“, порачуваат од партијата на Димитар Апасиев.

Слични содржини