Левица: Втор скандал со „доктор“ без факултет – здравството во колапс

од Nikola Popovski
322 прегледи

Левица излезе со соопштение за откриен нов скандал во здравството за лице кое, како што велат, иако имало само 5 положени испити на Медицински факултет, три години била вработена како специјалист по семејна медицина во приватна ординација „Кала Медикал”.

-За руинираноста на институциите покажува тоа што лицето завршило и приватна специјализација, а првата година ја финансирало Министерството за здравство со 1.000 евра. Лицето кое фигурирало како доктор немало ниту завршено Медицински факултет, ниту лиценца од Лекарската комора, но сепак ординацијата успела да склучи договор со Фондот за здравство, со што се предизвикани и штети по буџетот на оваа институција. Иако ОЈО има отворено постапка против лицето кое се претставувало како лекар и против приватната ординација, една година нема никаков исход за овој скандал кој сериозно ја руши кревката доверба во јавното здравство, велат од опозициската партија.

Од партијата на Димитар Апасиев прашуваат дали работниот однос на „лажната докторка служел само за цедење пари од Фондот за здравство, или пак, таа “лекувала” над 1.000 пациенти, меѓу кои најголем дел деца – е прашање на кое министерот Арбен Таравари треба веднаш да одговори пред јавноста“.

-Ваквите скандалозни изигрувања на системот, во услови кога медицинскиот кадар е дефицитарен, без никаков одговор од властите влева само дополнителен страв кај граѓаните, кои своите скромни заштеди се почесто ги трошат во скапото приватно здравство.

Очигледно е дека се работи за СИСТЕМСКИ пропуст, каде се изиграни и заобиколени низа институции – како Медицинскиот факултет, Министерството за здравство, Лекарската Комора и на крај Фондот за здравство, со што се потврдува тоталната девастираност на јавните институции. Ваквиот случај на лекар без завршен факултет е втор во низа, откако јавноста дозна за “докторка” од Гевгелија, која без положен факултет, успеала да се вработи како доктор, па дури и да добие државна специјализација за анестезиологија и интензивно лекување, стои во партиското соопштение.

Текстот за медицинското лице за кое пишуваат од Левица е објавен од „Слободен печат“.

Слични содржини