Левица реагира на предвидениот ребаланс на Буџетот и најавените нови задолжувања. Од опозициската партија истакнуваат дека новата министерка за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, иако на прес-конференција во Владата најави нови задолжувања кон крајот на годината, како што додаваат, таа веќе инстантно ја задолжи државата за нови 48 милиони евра преку државна обврзница издадена на 11 јули со рок на доспевање од 15 години.
-Ако се додаде најавеното задолжување на премиерот Мицкоски од 500 милиони евра со кредит од Република Унгарија, вкупниот ЈАВЕН ДОЛГ би бил на највисоко ниво од скоро 9 МИЛИАРДИ ЕВРА. Со ваква состојба Македонија ќе се соочи со проблеми при сервисирање на долгот – само до 2028 год. ние граѓаните ќе треба да вратиме 1.8 милјарди евра по основ на камати, велат од Левица.
Во однос на ребалансот на буџетот, додаваат од партијата, продолжува праксата на кратење на капиталните инвестиции секоја година. 325 милиони евра средства наменети за капитални инвестиции се прераспределни кон други намени, со продолжува непродуктивното трошење народни пари од страна на Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ, во стилот на нивните предходници.
Од партијата на Димитар Апасиев тврдат дека со ваквата политика буџетскиот дефицит е зголемен за дополнителни 181 милиони евра.
Левица во својата изборна програма предлага:
– Целосна ревизија на јавниот долг и покренување на постапка за одговорност и рефундација од надлежните функционери кои недомаќински и расипнички трошеле за време на нивниот мандат како и
– Воведување златно правило за јавните трошења, со цел да се спречи дополнителен раст на јавниот долг за непродуктивни цели, односно да се оневозможи креирање нов јавен долг за тековни трошења, туку само за капитални инвестиции.
Затекнуваме држава во хаос и долгови, со економија во „клиничка смрт“, со буџет оштетен за над 520 милиони евра, пари кои проектираниот дефицит не можел да ги поднесе – министерката за финансии го вклучи црвеното светло при претставувањето на параметрите на прекроената државна каса. Ребалансираниот буџет ќе тежи рекордни над 5,8 милијарди евра. Ќе растат и приходите и расходите, проектираниот дефицит се зголемува од 585 на 720 милиони евра, односно, 4,9% од БДП и тоа во услови кога проекцијата за раст се намалува од 3,4 на 2,1 отсто од БДП. Димитриеска-Кочоска рече дека лошата состојба во буџетот ги надминала нивните очекувања и побара реакција од Обвинителството.
Во дел од институциите биле предвидени плати само до јуни. ЈПДП, ЈСП, Железници, ЕСМ не се во состојба да враќаат земени кредити за кои се дадени државни гаранции.
Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5%, а растот на нето-платата за 13%. Со ребалансот се распределиле пари од ставки со слаба реализација со што се обезбедени околу 325 милиони евра.