Левица за оставката на Ристовска: Денес падна една „недопирлива“, утре ќе паднат и други

„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ без исклучок“, велат од таборот на Апасиев

од Nikola Popovski
115 прегледи Фото: Фејсбук

Оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата претставува директна победа на вистината, јавниот притисок и истрајноста на Левица, порачуваат од опозициската партија.

„Откако јавно ги разобличивме фактите за непријавените интереси, за фирмите на нејзините синови кои добивале милионските средства од партиските каси и за системското прикривање во рамки на ДКСК – режимот повеќе немаше простор за маневрирање. Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода.

Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните и клиентелистички врски што ја компромитираа Антикорупциската комисија. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже“, стои во партискиот став.

По оставката на Ристовска, додаваат од таборот на Димитар Апасиев, бараме да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што ДКСК утврди дека нема ништо спорно во неговото назначување и факултетската диплома од универзитетот каде Ристовска била професорка, незаконски именуваниот началник на Генералштаб генерал-мајор Сашко Лафчиски и поврзаноста на компанијата „Сити аутсорсинг“ со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добивањето на 161 јавна набавка.

-Но ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ без исклучок. Секој функционер што мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов.

Ги охрабруваме сите чесни службеници, вработени во институциите и граѓани кои располагаат со информации за корупција, злоупотреби и клиентелизам, да продолжат да ни ги доставуваат. Левица ќе ги штити изворите и ќе ја изнесе вистината во јавноста бескомпромисно. Денес падна една „недопирлива“. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува, наведуваат од Левица.

Во оставката, повикувајќи се на член 14 став 1 алинеа 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Ристовска наведува:

„По недели јавни полемики и сомнежи поврзани со мојата работа во Комисијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка. Во целата моја професионална кариера работев законито, совесно и со најдобра намера. Жал ми е доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“.

Таа дополнува дека секогаш барала изземање во случаи на можен судир на интереси и дека ги почитувала законските обврски.