Левица испрати демант по денешните наводи од ВМРО-ДПМНЕ за купениот деловен простор во строгиот центар на Скопје за 721 евра м². Како што велат од опозициската партија, преку хипотекарен кредит ги обезбедиле своите први простории откако постои, како централа за сите политички активности на партијата. Односно, купените простории се под залог.
-Цената на квадратот, како и во сите случаи на купопродажба, е дефинирана со деловни преговори помеѓу продавачот и купувачот. Се работи за подрумски простории, кои се во руинирана состојба. Со спомнуваната банка Левица нема никаква деловна соработка, освен како продавач на овој имот кој бил под стечај веќе две години и пропаѓал, додаваат од партијата на Димитар Апасиев.
Според Левица, ова се паушални обвинувања на премиерот Христијан Мицкоски и неговата, како што велат, криминогена партија, кои во обид да го амортизираат нивното катастрофално работење, шират невистини и спинови.
Претходно од владеачката партија рекоа дека Левица за квадратен метар платиле 721 евро, во услови кога квадрат не може да се купи под 2000 евра. Дополнително, додаваат дека имотот бил купен преку извршител, што значи истиот е одземен од некој граѓанин или од фирма.
-Се поставува логичното прашање, како извршителот не можел да постигне цена на објект во строг центар на Скопје? Анимирал ли доволно потенцијални купувачи или целиот процес го водел многу тивко? Дали се крие договор под маса помеѓу извршителот – Апасиев и доверителот? Доверителот во овој случај е УНИ банка, со бугарски капитал, рече меѓу другото Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на обвинувањата од страна на Апасиев, вчера премиерот Мицкоски потенцираше дека Апасиев е далеку од тоа што се претставува, укажувајќи дека тој пред народот е против извршителите, освен кога од нив купува три пати поевтин деловен простор во центарот на Скопје.
„Тоа што јас денеска во Собрание го споменав е само континуитет на сите оние навреди, конструкции кои што овој политичар ги рефлектира, најчесто на социјалните мрежи или на собраниската говорница каде ужива имунитет. И ценам дека ова е само почеток, ќе следат уште многу други работи, откривање на работи дека далеку се тие од тоа што се обидуваат на вештачки начин да се претстават, не само тој, туку и тие од неговото опкружување.
Политичката партија Левица кон крајот на ноември 2024 година купува во центарот на Скопје деловен простор, тој призна дека е подрум и приземје, 420 метри квадратни, по цена со ДДВ 295.000 евра. Би рекол или е подарок заради остварување на некаква цел, или договорот има и втор дел кој што ние не го гледаме, и затоа јас реков органите сето тоа да го проверат“, нагласи вчера Мицкоски и објасни дека метар квадратен вреди најмалку три пати повеќе од тоа што тие го платиле и што Град Скопје го проценува.
Апасиев, пак, му порача:
„Зборувате за сè освен за тоа што ве прашав. А тоа што ве прашав е всушност констатација дека вашите часовници вредат повеќе од таа зграда. Ние купивме подрумски простории со приземје, ете затоа е толкава сумата. Уште утре да ни поднесете кривична пријава. Исто како што јас следната недела ќе поднесам против вас, дело „Попречување на правдата“ и за кривични дела „Оддавање службена тајна“, кажа лидерот на Левица на седницата за пратенички прашања.