Левица смета дека ВМРО-ДПМНЕ наместо да глуми опозиција и да се пасивизира во корист на бизнисот, треба да ја изврши својата владина обврска во трипартитниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите и да го прифати предлогот на ССМ за минимална плата од 500 евра.
-Повеќе од јасно е дека ветувања кон граѓаните за подобар животен стандард и повисоки примања беа само изборна лага за освојување на власта, Денес, гледаме неспособност и негрижа кои резултираат со раст на инфлацијата, енормни поскапувања и зголемена сиромаштија. Минималната плата денес не е доволна ни за покривање на основните потреби, а владината коалиција ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ очајно се обидува да го прикрие овој пораз. Благодарение на Владата, граѓаните наместо достоинствен живот, добија зголемени сметки за струја, поскапена храна и нејзино јавно наклонување кон капиталот, велат од партијата на Димитар Апасиев.
Според Левица, прифаќањето на предлогот на ССМ е минимумот што треба да го направи власта.
-Доколку власта не покаже слух за својот народ, Левица како единствена партија која вистински се залага за работниците – ќе предложи законско решение во Собранието, порачаа од опозициската партија.
Сојузот на синдикати на Македонија не се откажува од барањето за зголемување на минималната плата, но и на останатите плати во приватниот и јавен сектор. Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов потврди дека до Владата, работодавачите и координаторите на пратеничките групи ќе биде доставено предлог-барање за покачување на минималната плата од 6000 денари и очекува да биде прифатено, во спротивно најави генерален штрајк.
Владата ги остави на маса работниците и бизнис-еснафот сами да се договорат за зголемувањето на минималната плата, со став дека ќе ја прифатат одлуката, но субвенционирање придонеси не е на агендата.
Минималната плата месецов ќе се усогласи, а според пресметките зголемувањето ќе биде 1.800 денари.
ВМРО-ДПМНЕ утрово го обвини Трендафилов дека се однесува како портпарол на СДСМ, на што првиот синдикалец во изјава за „Локално“ рече дека „наративите се менуваат онака како што се менува власата“.
Трендафилов ги отфрли обвинувањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ