Иако Левица неколку месеци алармира за сериозни незаконитости на струшкиот универзитет (поврзуван со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко) и премиерот Христијан Мицкоски и надлежните институции продолжуваат да молчат, велат од партијата преку соопштение.
Левица објави дека на овој контроверзен универзитет е отворена приватна градинка за време на власта на Мицкоски, за која постојат сериозни сомнежи дека ги нема потребните документи за работа. Истакнуваат дека надзор на работата над оваа приватна градинка е должно да изврши Министерството за образование и Министерството за труд и социјална политика.
-Нејасно е како на овој универзитет се отвора приватна градинка, додека министерката Јаневска пред само неколку месеци изјавуваше дека се констатирани неправилности при инспекциски надзор над универзитетот?! Јавноста никогаш не доби информација од Весна Јаневска за какви неправилности станува збор, што логично го наметнува прашањето: дали власта на Мицкоски единствено спроведуваше инспекциски надзор за да изврши притисок врз структурите на Рамиз Мерко за поддршка на нивниот кандидат за градоначалник во Струга – Менди Ќира?!
Овој т.н. универзитет е во формална сопственост на Армен Кадриу, близок соработник на Рамиз Мерко во неговите криминални мандати. Молкот за оваа приватна градинка и од страна на министерот Фатмир Лимани од ВРЕДИ го покажува лицемерието на оние кои шират празни флоскули дека се борат против криминалот на ДУИ. Доколку ВРЕДИ (кое е составено од истрошените кадри на ДУИ) има реална политичка волја да расчисти со криминалот и корупцијата, министерот Лимани е најповикан да постапи за контроверзното работење на оваа приватна градинка, порачуваат од Левица.
Додека Мицкоски, додаваат од опозициската партија, само формално демантира дека постои коалиција со Рамиз Мерко, за време на власта на ДПМНЕ, тој доби две пресуди само со условна казна.
-Дали постои неформална коалиција во Струга помеѓу Рамиз Мерко и структурите на власта на Мицкоски најдобро може да се заклучи од молкот и непостапувањето на институциите за криминалите на овој таканаречен универзитет, кој го деградира целокупниот образовен систем, прашуваат од партијата на Димитар Апасиев.