Левичарот со потекло од Хрватска, Габриел Бориќ во неделата стана најмладиот претседател на Чиле, победувајќи во докрај неизвесната трка против екстремно десничарскиот кандидат Хозе Антонио Каст на изборите кои кулминираа со растечката прогресивна левица во земјата.
Во центарот на Сантијаго, неговите приврзаници скандираа, се гушкаа и вееја знамиња со ликот на Бориќ, како и знамиња со виножито од ЛГБТ групите кои ги поддржаа неговите социјално инклузивни политики и планови за ревидирање на пазарно ориентираниот економски модел на Чиле.
За време на неговиот победнички говор, Бориќ најави дека неговата влада ќе ги прошири социјалните права на населението, но дека тоа ќе го направи на фискално одговорен начин и со цел да се грижи за здравјето на економијата на најголемиот светски производител на бакар.
Тој, исто така, рече дека ќе се спротивстави на рударските проекти кои ја уништуваат природната средина, вклучувајќи го и контроверзниот проект Доминго од 2,5 милијарди долари, кој вклучува ископ на железо, бакар и злато.
„Со уништување на нашиот свет, ние се уништуваме себеси. Не сакаме повеќе „жртвувани зони“, не сакаме проекти кои ја уништуваат нашата земја, нашите заедници и го нагласуваме ова во овој случај кој стана симболичен: Не Доминго!“, изјави Бориќ.
Проектот треба да биде лансиран недалеку од природните резервати на околу 500 километри северно од главниот град Сантијаго.