Левица ќе изработи специјален закон за ограничување на цените за лекување во приватните болници

од Nikola Popovski

Правниот тим на Левица изработува специјален закон за регулирање на ЦЕНИТЕ за лекување во приватните болници и истиот, следната недела, ќе биде пуштен во собраниска процедура, објави вечерва пратеникот и лидер на партијата, Димитар Апасиев.

Според него, членот 55 од Уставот на Република Македонија вели дека слободата на капиталистите да ги утврдуваат цените на добрата и услугите, може да биде ограничена од страна на државата во три ургентни случаи: (1) безбедносни; (2) еколошки; и (3) ЗДРАВСТВЕНИ!

„Затоа, обзнануваме дека правниот тим на Левица работи на подготовка на ваков специјален закон и веќе следната недела нашите пратеници ќе го предложат во Собранието на РМ (по скратена постапка), за легално да ги ограничиме екстрапрофитите на приватните болници во време на пандемија“, напиша Апасиев.

Ја поздравувам одлуката на Клиниката Жан Митрев да ги намали цените за лекување на Ковид пациенти, вели министерот за здравство Венко Филипче.

„Драго ми е што мојата иницијатива за намалување на цените на овие услуги во приватните установи вродува со плод. Се надевам дека и другите ќе го следат овој пример“, напиша Филипче на Фејсбук.

Од Клиничката болница „Жан Митрев“ соопштија дека согласно состанокот одржан со министерот за здравство Венко Филипче, а со цел да им излезат во пресрет на што поголем број граѓани во оваа тешка ситуација, од денеска овозможува пакети за лекување од Ковид-19.

Досега пациентите плаќаа 12.000 евра, одсега за пациенти кои ќе се лекуваат на полуинтензивна нега, лекување во траење до 10 дена ќе чини 6.000 евра, за пациентите на кои им е потребно интензивно лекување, односно се преземени во сериозна здравствена состојба од други институции каде биле претходно хоспитализирани, цената за максимум 10 дневно лекување ќе изнесува 8.000 евра. Една хемофилтрација претходно чинеше 4.000 евра, сега со намалување од 10 отсто ќе чини 3.600 евра. Оваа метода на лекување, се применува по согласност од страна на семејството на пациентот, посочуваат од болницата.

Слични содржини