Левица: ООН да интервенираат во САД, да се испратат мировни сили

од Nikola Popovski
138 прегледи

Партијата „Левица“ испрати повик до ООН да интервенираат во САД.

„Згрозени од вчерашните немири, поттикнати од обвинувања за нефер избори во поранешните британски Тринаесет Колонии, политичката партија Левица изразува загриженост за состојбата со демократијата и човековите права во северноамериканскиот регион“, стои во соопштението на партијата.

Според нив, снимките и сликите како демонстрантите насилно влегуваат во законодавниот дом, како и фактот дека има извештаи за престрелки со огнено оружје во него кои резултираа со човечки жртви, се показател дека локалните пост-колонијални власти не се способни да го зачуваат мирот, просперитетот и демократијата во нивната земја.

„Левица апелира до Советот за безбедност при Обединетите Нации под итно да испратат мировни сили и да воспостават контрола врз ситуацијата, се до оној момент во кој меѓународната заедница ќе оцени дека има услови да се одржат фер и демократски избори за мирен трансфер на власта“, велат од партијата.

Вчерашниот упад во Конгресот се случи по обраќањето на Трамп на собирот во близина на Белата куќа, охрабрувајќи ја масата да продолжи да се бори против изборните резултати, додека членовите на Конгресот се подготвуваа да ги потврдат гласовите на само два километри оддалеченост од нив.

Веднаш штом Конгресот ја потврди победата на Бајден, Трамп вети мирна транзиција на власта на 20 јануари, додавајќи – „иако не се согласувам со исходот на изборите“.

„Отсекогаш сум велел дека ќе ја продолжиме нашата борба за да обездбедиме да се бројат само законските гласови“, рече Трамп. „Иако ова претставува крај на најголемиот прв мандат во историјата на претседателството, тоа е само почеток на нашата борба да ја направиме Америка повторно голема!“