Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Битола, поднесе кривична пријава против претседател на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола.
-Пријавениот се терети дека извршил стек на кривичните дела „Излагање на подбив на македонскиот народ“ и „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ бидејќи најпрво, во својство на овластено лице – претседател на здружението, умислено во просториите кои ги користи здружението во јасно воочлив голем формат дозволил да биде истакнат цитат од Ванчо (Иван) Михајлов, со навредлив јазик кој директно, намерно и недозволиво, а со цел провокација се врши негирање и излагање на подбив на македонскиот народ;
– преку дискриминаторската содржина на објавен фејсбук статус, пријавениот предизвикал разгорување чувство на омраза и нетрпеливост, директно навредувајќи го и омаловажувајќи го македонскиот народ и држава, преку задавање континуитетски граници на постоење на македонскиот народ од 1945 година, па навака, а занемарувајќи го неговото вековно постоење пред тоа, велат од партијата преку соопштение.
Според Левица, со промовирањето на дискриминаторскиот став на контроверзен фашистички колаборационист, близок соработник на фашистичките структури за време на втората светска војна, намерно е изигнориран и изложен на подбив антифашистичкиот карактер на македонската држава, како еден од најважните идеолошки симболи на македонскиот народ.
-Пријавениот, сето ова бил должен и морал да го знае, поради што произлегува дека неговото преземено дејствие е целосно свесно и со зла намера да се разгори чувство на омраза и нетрпеливост преку негирање и излагање на подбив на македонскиот народ, потенцираат од опозициската партија.