Левица: Со амин на ДПМНЕ и ДУИ изгласана продажбата на Мауцкер во Охрид

од Берта Китинска
225 прегледи

Од политичката партија „Левица“ велат дека на денешната седница на советот на општина Охрид, имало кршење на „Деловникот за работа“, појаснувајќи дека насилнички била изгласана Програмата за оттуѓување на градежно земјиште Мауцкер, „со гласовите на новата коалиција од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“.

-Претседателот на Совет, Сашо Донев, не дозволи стручните лица да се обратат на седницата и да го презентираат енормното културно значење кое го има оваа зона, околу која се наоѓаат неколку археолошки локалитети. Дополнително, Донев во стилот на Талат Џафери, не дозволи поединечно образложение на 80-те амандмани кои ги поднесе советничката од Левица, Виолета Аврамоска и директно го прекрши Деловникот за работа на Советот!, велат од партијата на Апасиев.

Оттаму посочуваат дека на гласањето и претходело тензична расправа, каде присутните археолози потенцирале дека со оваа продажба, „се заобиколува цел археолошки комплекс и се затвора пристапот до ова светско културно наследство“.

-Потсетуваме дека ДПМНЕ во опозиција поднесуваше претставка до Антикорупциска комисија за спорните парцели во зоната Мауцкер, кои ги доби советникот од ДУИ со криминално минато, Нефи Усени. Денес јавноста беше сведок дека кога се работи за коруптивни зделки и тесно партиски интереси, коалицијата ДПМНЕ и ДУИ беспрекорно функционира – а на штета на македонското културно и историско богатство, подвлекуваат од „Левица“.

Слични содржини