Лицето што ја фрлило бомбата пред штабот на ПЦЕР се вратило назад за да види дали е активирана

од Nikola Popovski
427 прегледи

Фрлената бомба која не експлодирала, пред штабот на партијата ПЦЕР во Тетово е всушност кашикара од постарите што има огромно разорно дејство. Ова денеска го обелоденил претседателот на партијата, Самка Ибраимоски.

-Ми се јави член на партија што го одржува клубот, ми кажа дека е фрлена бомба. Му реков да повика полиција, да дојдат на лице место. Стаклото беше скршено, а бомбата ако се активираше, се знае, ќе имаше поголема штета. За среќа, и на мојот сопартиец, бомбата не беше активирана, беше тука пред вратата. Не чепкавме ништо, дојде полицијата, почна да истражува, сега работи на случајот, истакнал Ибраимовски.

Како што додава, има видео-снимка од најблиската камера. Според Ибраимовски, сторителот се вратил на местото за да види зошто бомбата не експлодирала.

-Веќе видео-снимки постојат и ќе се најде лицето. Во 4:23 часот дошол тука, го скршил стаклото, ја фрлил бомбата. Имал храброст да се врати назад да види дали ја активирал или не. А, нашиот активист зел метла, среќа негова што не почнал да мете. Би било страшна експлозија, информира поранешниот пратеник.

Сите прозори се искршени, а причинета е значителна штета.

-Најостро го осудуваме овој чин на нетолеранција и непочит кон нас и кон Ромите од овој град и од целата држава. Ги повикуваме надлежните институции од Република Северна Македонија да го истражат случајот и навремено да постапат, вели Ибраимовски.

Неодамна јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за издавање казнен налог против Ибраимовски за кривично дело загрозување на сигурноста. Според пријавеното, им се заканувал по живот на уставните судии откако дозволија извршителите да продолжат да наплаќаат долгови. Информациите се дека тој заканите ги испраќал преку Фејсбук.

Со казнениот налог Обвинителството предлага на Ибраимовски да му биде изречена условна осуда со која ќе му биде определена казна затвор од три месеци која нема да се изврши доколку тој не стори ново кривично дело во рок од една година од правосилноста на пресудата.

На последните парламентарни избори, ПЦЕР на Ибраимовски настапи во заедничката коалиција „Храбро за Македонија“ со ГРОМ- Граѓанската опција за Македонија и Интегра.

Слични содржини