Личен банкрот – шанса за нов почеток за граѓаните со блокирани сметки

„Тоа значи дека доколку еден граѓанин или компанија има висок долг, ќе се назначи стечаен управник кој ќе ги процени неговите примања, семејната состојба и основните потреби. Ќе му се остават средства за нормален живот и ќе се утврди рок од три или пет години во кој ќе треба да ги отплати долговите. По истекот на тој период, преостанатите долгови се бришат и на лицето му се овозможува нов почеток и нормално функционирање“, вели Ристески од КСОМ за „Локално“

од Nikola Popovski
60 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Повторно се актуелизира прашањето за личен банкрот, кое досега се спомнуваше во многу предизборни програми. Во многу земји во светот, личниот банкрот функционира како механизам што на физичките лица кои се презадолжени им обезбедува шанса за нов почеток преку индивидуално приспособен план за раздолжување. Сепак, економистите истакнуваат дека воведувањето на личен банкрот треба да биде одлука на Владата и алатка за помош на презадолжените граѓани да излезат од „маѓепсаниот круг“ на долгови, наместо да се користи како предизборно или политичко прашање.

Неодамна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изјави дека не може до бесконечност да се толерираат граѓани кои не се во состојба да ги намируваат своите обврски, отворајќи ја можноста за воведување на регулатива за личен банкрот.

-Тоа можеби е повеќе прашање за Министерството за финансии, но заедно може да размислиме дали е моментот да одиме со ваква регулатива – закон за личен банкрот. Според моите информации, имаме околу 120.000 блокирани сметки, граѓани без пристап до финансиските институции. Тие се жртви на некои даватели на кредити со високи камати, лихварски. Треба да се актуализира прашањето, јас одамна го поставував и како министер за финансии, дали не е време да донесеме закон за личен банкрот, кој би решил некои прашања. Не може до бесконечност да се толерира таква ситуација – луѓе што не можат да ги намируваат своите обврски, а тие се зголемуваат со каматите на долгот, изјави Славески.

Џевдет Хајредини – Фото: Јутјуб/Принтскрин/НБРМ

Економските експерти сметаат дека воведувањето на личен банкрот треба да биде дел од законска рамка која ќе им помогне на граѓаните, но не треба да се користи за собирање политички поени.

„Тоа треба да биде одлука на Владата, односно на Министерството за финансии, а не на гувернерот. Целта е да им се помогне на најзагрозените граѓани – оние кои се презадолжени и не можат да ги враќаат кредитите или да ги платат сметките. Поради моменталната економска ситуација и високите цени, многу граѓани неконтролирано се задолжуваат, често без да бидат информирани за негативните последици од ненавремено подмирување на обврските. Тие земаат кредити и покрај тоа што не можат да ги вратат. Во кризни ситуации, вакви решенија се можни, но тоа треба да го донесе Владата“, изјави поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, за „Локално“.

Од граѓанските здруженија велат дека е добро што нивното барање за воведување на личен банкрот конечно наиде на слух кај дел од институциите.

Марјан Ристески – Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Телма

„Личен банкрот е механизам кој одамна постои во многу држави. Тоа значи дека доколку еден граѓанин или компанија има висок долг, ќе се назначи стечаен управник кој ќе ги процени неговите примања, семејната состојба и основните потреби. Ќе му се остават средства за нормален живот и ќе се утврди рок од три или пет години во кој ќе треба да ги отплати долговите. По истекот на тој период, преостанатите долгови се бришат и на лицето му се овозможува нов почеток и нормално функционирање. Во моментов има околу еден милион предмети и околу 200.000 блокирани сметки. Имаме случаи каде долговите се пренесуваат на семејството, па дури и на децата, на ова мора да се стави крај. Исто така, постојат случаи каде за долг од 5–6 илјади евра, граѓаните остануваат без стан или куќа. Бараме јасно правило – доколку недвижниот имот не е ставен под хипотека, да не може да биде одземен“, изјави за „Локално“ Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ).

Тој додаде дека воведувањето на личен банкрот ќе влијае и врз финансиските друштва, бидејќи ќе се знае дека во случај граѓанинот да прогласи личен банкрот, постои можност да не си ги наплатат средствата, па ќе бидат поосторожни при одобрување кредити.

Б.С.

Слични содржини