Односот меѓу Барселона и голманот Марк-Андре тер Штеген беше турбулентен, со подеми и падови. Сега ситуацијата се подобри, односите се одмрзнаа, иако сè уште не се идеални. Значаен придонес за ова даде разговорот меѓу претседателот на каталонскиот клуб, Жоан Лапортa, и германскиот претставник, објавуваат „Мундо Депортиво“ и „Марка“.
Да потсетиме, Тер Штеген вчера објави официјална изјава во која изјави дека се согласил да го потпише медицинскиот извештај за неговата повреда, кој треба да биде доставен до медицинскиот комитет на Ла Лига. На овој начин, доколку се утврди дека Германецот ќе отсуствува најмалку четири месеци, Барселона нема да мора да го регистрира, што би го олеснило регистрирањето на нови засилувања, со оглед на тоа што Тер Штеген има една од највисоките плати во тимот.
Гледајќи дека Тер Штеген ги намалил тензиите, откако клубот еден ден претходно потврди дека покренува дисциплинска постапка и привремено му ја одзеде капитенската лента, Лапорта вчера побара да разговара со 33-годишниот голман лице в лице и го посети во неговиот дом.
Разговорот бил конструктивен, при што двете страни ги изнесоа своите ставови. Доказ за тоа е што по средбата со Тер Штеген, Барселона издаде официјално соопштение дека ја прекинува дисциплинската постапка и му ја враќа капитенската лента на играчот.
Така, медицинскиот извештај на голманот веќе е испратен во Ла Лига, а Каталонците очекуваат одлука за ова прашање наскоро.