Личните карти ќе имаат важност и по 12. февруари

од Nikola Popovski
383 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски денеска информира дека сегашните лични карти, кои се внатрешна употреба, ќе важат и после рокот од 12-ти февруари. За пасошите, рече дека не се вадат заради институциите, туку за да можат граѓаните да патуваат.

-Јас кажав дека секоја иницијатива може да биде разгледана. Секако дека Уставниот суд ќе го каже своето мислење. Ние во различни и одвоени средби имаме разговарано на поединечно ниво за тоа, кажа премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.

Премиерот информираше дека вработените во Министерството за внатрешни работи веќе имаат издадено 1.200.000 пасоши во државата, што, според него, значи дека се работи со големо темпо.

Премиерот вели дека го очекува разговорот на македонскиот претседател со неговата грчка колешка за евентуална промена на рокот што истекува на 12-ти февруари, зашто станува збор за меѓународно преземена обврска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави претставка пред Уставниот суд за ставање времена мерка за законот за патни исправи.

Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени, а тој рок истекува во февруари. Досега, усогласени се Законот за патната исправа и Законот за безбедноста во сообраќајот, каде е наведено дека пасошите, возачките дозволи и возачките книшки кои го содржат натписот Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење, а најдоцна до 12 февруари 2024 година.

Слични содржини