Состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан ќе се одржи утре по пат на видео конференција поради пандемијата од Ковид 19.
-Во борбата против Ковид 19 ЕУ и Западен Балкан се обидинети. Самитот ќе даде можност за истакнување на меѓусебната солидарност и соработка во време на криза, соопшти хрватското претседателство со ЕУ.
ЕУ најави дека ќе обезбеди над 3,3 милијарди евра за помош на регионот на Западен Балкан за справување со корона кризата.
Лидерите исто така ќе ја реафирмираат европската перспектива за Западен Балкан, како и „определеноста на државите од Западен Балкан да се придржуваат кон европските вредности и принципи“.
-ЕУ е најважниот партнер за регионот на Западен Балкан, а видео конференцијата ќе го нагласи значењето на единствените односи меѓу Унијата и Западниот Балкан, се наведува во соопштението од хрватското претседателство.
Се очекува учесниците на видео конференцијата да разменат мислења за новата фаза на блиска соработка за решавање на социоекономските последици од ковид кризата, важноста на регионалната соработка, како и за тоа како најдобро да се управува со безбедносните предизвици.
На состанокот ќе учествуваат претседатели на држави и влади на земјите членки на ЕУ и шестте земји од Западен Балкан – Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово.
Со состанокот ќе претседава претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел кој заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе ја претставуваат Европската унија.
На видео конференцијата ќе учествуваат и Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска кој е актуелен претседавач на ЕУ, високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел, претседателот на ЕП, Давид Сасоли, како и претставници од Европската банка за обнова и развој, Светската банка, Европската инвестициска банка и на Советот за регионална соработка.
Предвидена е прес-конференција по состанокот на која ќе се обратат претседастелот на Европскиот совет Мишел, претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и хрватскиот премиер Пленковиќ.
ЕК пред одржување на самитот ЕУ – Западен Балкан на крајот од април месец најави дека покрај засилената поддршка која вклучува над 3,3 милијарди евра за регионот која треба да одговори на итните здравствени потреби и да помогне за социјалното и економското закрепнување.од ковид кризата, ќе следи и долгорочна поддршка што ќе биде презентирана подоцна оваа година во форма на економски и инвестициски план за регионот. Целта на планот е поттикнување на долгорочно закрепнување, зајакнување на економскиот раст и поддршка на реформите, потребни за да се оди напред на патот кон ЕУ.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерката за Европа на Австрија, Каролине Едштадлер, на видео-конференциска средба вчера се согласија дека претстојниот Самит ЕУ- Западен Балкан претставува исклучителна прилика и можност за лидерите од регионот и ЕУ да ги зајакнат меѓусебните односи и да разговараат за главните политички и економски предизвици со кои се соочуваат. Во однос на преговарачката рамка која се очекува да биде презентирана од страна на Европската комисија на почетокот на јуни Османи потенцираше дека таа се смета за најважен документ и треба внимателно посветување на утврдените позиции на земјите членки како и усогласување на истите со нашата земја со цел, како што наведува, во иднина да имаме лесен и непречен тек на преговорите.
-Во периодот кој ни претстои треба посветено да продолжиме да работиме и лобираме, со цел преговарачката рамка да биде поволна за сите, бидејќи во моментот кога истата ќе биде усогласена веќе нема простор за менување на правилата, додаде Османи.
Претходниот Самит ЕУ – Западен Балкан се одржа на 17 мај 2018 година во Софија, Бугарија. Од самитот произлезе тн. Софиска декларација, како и анекс на декларацијата, во која беа наведени нови мерки за засилена соработка на ЕУ со регионот.