По големите гужви и редици пред пунктовите за сликање за лични документи и чекањето за нивно подигнување во просториите на МВР во МРТВ, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски смирува дека постоечките важечки документи ќе важат и после 12-ти февруари, кој беше поставен како рок.
-Пензионерите со личните карти ќе можат да ја подигнуваат пензијата и понатаму. Тие лични карти во внатрешниот промет се валидни документи и дека нема потреба да бидат загрижени дали ќе може да се гласа. Личните карти не се дел од промената на документите. Важечките лични карти и по 12-ти февруари остануваат во правниот промет на Македонија. Вработените ќе можат да подигнуваат плати, студентите свои кредити и стипендии.., истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, во идеални услови, и апаратите за фотографирање да работат без дефект, се потребни најмалку шест години за промена на сите патни исправи.
-Ако 2021 година е донесен законот, најрано 2027 година може да се изврши промена на сите 2,7 милиони пасоши, рече Мицкоски денеска од Кисела Вода.
Претседателот Стево Пендаровски побара од владата да го продолжи рокот за замена на личните документи до крајот на годинава, за да се избегнат редиците чекање. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека мора да ја прашаат Грција за пролонгирање на рокот за замена на документите со новото име.
Согласно со Преспанскиот договор, сите лични документи мора да бидат со новото уставно име по февруари.