Премиерот Димитар Ковачевски денеска во 12 часот во Собранието ќе одржи средба со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус.
На средбата е најавено присуство и на Христијан Мицкоски лидер на ВМРО ДПМНЕ, како и на сите останати политички партии освен Левица.
„Народот од нас очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард. Ова се темите за кои мора алармантно да се бараат решение, а не за уставни измени или една генерална тема без никакви појаснувања“, изјави Мицкоски на 5 ноември.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, изјави дека нема да присуствува на лидерската средба во понеделник:
„Со нас не можат да се договараат како со вмровците. Ние сме тврд орев“, истакна првиот човек на Левица на новинарско прашање.
В.д. претседателот на партијата Арбен Таравари изјави дека ќе присуствуваат во Парламентот за да разговараат за идната европска перспектива на државата, но како што рече и за „евентуалните промени кои треба да се направат во Уставот“.
Премиерот Ковачевски во саботата по увидот на градежните работи на делницата од патот Фариш – Прилеп изјави дека лидерската средба ја свикал со цел сите политички партии кои се застапени во Парламентот заедно да разговараат за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да бидат доносени во еден широк, општествен и политички консензус.
Власта очекува да постигне консензус за европската иднина на државата и да обезбеди поддршка за иземни на Уставот, со оглед дека до овој момент, СДСМ и ДУИ заедно со сите останати албански политички партии располагаат со 74 гласови, или 6 пратеници помалку од неопходното дво третинско мнозинство. Покрај ова, власта утре пред парламентарите партии ќе го презентира и пакетот законски измени неопходни за заокружување на европската агенда, со цел да обезбеди поддршка за нивно донесување и од опозицијата.