Лидерска за уставни промени: „Зошто за Ковачевски, Мицкоски е порелевантен од пратениците кога тие ги носат одлуките?“

од Nikola Popovski
891 прегледи

Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и барем еднаш во овие 32 години независна Македонија ќе поддржи одлука со која земјата ќе се интегрира во ЕУ по интеграцијата во НАТО. Опциите се јасни – од една страна интеграција во ЕУ, а од друга изолација. И се надевам дека тоа што го сакаат сите граѓани ќе го изберат сите политичари, а тоа е интеграција на земјата во ЕУ, вака изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на утрешната лидерска средба со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Претходно денеска владината прес-служба соопшти дека лидерската средба е закажана за в среда во Клубот на пратеници, а нејзините теми се „одлуките што мора да се донесат во парламентот на Северна Македонија за да продолжи нејзината европска интеграцијата, како и пристапот на државата, институциите и сите политички сили во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите соседи“.

Во меѓувреме предлозите за уставните измени подготвени од Работната група од Министерството за правда веќе се доставени до Владата. Редовната седница на Владата во Северна Македонија вообичаено се одржува во вторник, но од „Илинденска бр.2“ информираа дека денес нема да бидат разгледани.

За очекувањата и исходот на лидерската средба, поранешната пратеничка во Законодавниот дом, Никица Корубин вели дека е вчудоневидена од закажувањето на ваков состанок.

Никица Корубин

-Она што најмалку очекував е премиерот Ковачевски, во овој момент кога апсолутно јасно и недвосмислено меѓународната заедница го кажува она што и самите го знаеме, дека одбивањето на исполнување на нашата обврска од преговарачката рамка за промена на уставот директно ја загрозува нашата иднина; да го “легитимира” преку лидерска средба претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, и неговото константно дезавуирање на уставниот поредок преку негово “делегитимирање” на пратениците, и наметнување на партиска и партократска волја, вели Корубин за „Локално“.

Како што вели, положбата на пратеникот е над положбата на било која партија во нашиот правен систем, па според неа, изненадува отсуството на реакција на постојаното нивно попречување за донесување на одлука за промена на Уставот и нивно бајпасирање со лидерска средба.

-Па, лидерот ли ќе им каже на пратениците како да гласаат, кога тие гласаат по слободна волја, прашува Корубин и додава дека во европска држава која е на пат да стане членка на ЕУ, беспредметен е ставот по било кое прашање, кога не се постапува по превземените обврски на државата.

-И во случајов знакот на равенство не е можен, затоа што Ковачевски е премиер, а Мицкоски не обавува никаква јавна функција, што значи дека формално-правно не може да донесе никаква одлука. Во спротивно, доколку партиската волја или одлука, сеедно, се наметне како правно-обврзувачка наместо волјата на пратениците, тоа е суспендирање на правниот поредок, анализира поранешната пратеничка.

Истакнува дека во таа смисла, освен прашањето зошто сега лидерска средба, кога сите пораки од меѓународните партнери беа директно „без ракавица“адресирани до Мицкоски, се поставува и прашањето, зошто за премиерот Ковачевски тој е порелевантен од пратениците во Собранието кога тие се оние кои ги носат одлуките?

Корубин е децидна дека „соломонско решение“ би претпоставувало некакво мудро постапување за доброто и иднината на државата.

-Но, кога состојбата во државата и нејзината иднина е сведена на “двајца” лидери кои во автократски и монополистички манир, во чуден формат “средба во четири очи”, целосно нетранспарентна, треба да го заменат цел правен поредок; јас не гледам никаква мудрост. Туку лоша пракса, која мора да се прекине, посочува соговорничката.

Проблемот, вели таа, е всушност одбивањето да се исполнат обврските на државата, кој во сегашните регионални и светски констелации, директно ја загрозува функционалноста и стабилноста на државата; и одбивање државата да биде нормална европска држава.

-А, тоа меѓу другото подразбира и исполнување на стратешките определби на граѓаните од независноста до денес: европска иднина. Стратешка определба, од која патем речено, барем формално ниту еден политички чинител до сега не се откажал. Чуму тогаш избори, побитен е јасниот став, кој е за ЕУ, а кој во меѓувреме застанал против ЕУ и волјата на граѓаните?, заклучува Корубин.

За промена на Уставот е неопходна двотретинска поддршка во Собранието. Собранието има 120 пратеници, а СДСМ и ДУИ со коалиционите партнери во власта имаат поддршка од 61-67 пратеници за овој чин, што не е доволно за промена на Уставот. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не го смени ставот по ова актуелно прашање, Северна Македонија ќе остане надвор од пристапните преговори и прашање е дали некогаш ќе го врати правото да оствари европска интеграција, имајќи предвид дека Бугарија е решена да ја блокира земјава на патот кон членство во европското семејство.

Н.П.

Слични содржини