„Лидл“ го купи објектот на поранешен „Бриколаж“ за 9,5 милиони евра

од Nikola Popovski
32,3K прегледи

„Лидл Северна Македонија ДООЕЛ Скопје“ купи имот на „Скопски пазар АД Скопје“ во oпштина Гази Баба за 9.564.485 евра.  Станува збор за објектот каде што до неодамна беше сместен продажниот салон на „Бриколаж“ и за кој подолго време се зборува дека ќе биде еден од маркетите на „Лидл“ во Скопје.

„Цената соодветставува со пазарната вредност на таков тип на зделки“, се вели во објавата од Скопски пазар и се нагласува дека страни во зделката се „Скопски пазар“ и „Лидл Северна Македонија“.

Како предмет на големата зделка е наведена продажба на недвижен имот евидентиран на КП 1306/1 и КП 1306/2 КО Гази Баба и соодветно запишани на имотен лист 8882 КО Гази Баба и имотен лист 1077 КО Гази Баба. Вредноста на зделката е во апсолутен износ од 9.564.485 евра без вклучен ДДВ (или 588.911.166 денари без вклучен ДДВ), а релативен износ од 19,30 проценти во однос на вредноста на имотот на друштвото, односно 25,04 проценти од вредноста на капиталот и резервите на друштвото определени врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото.

Надзорниот одбор на Скопски пазар ја донел одлуката за големата зделка на 18 април годинава.

Во индустриската зона Речица, во близина на Куманово, во јануари годинава започна изградбата на логистички и дистрибутивен центар на германската компанија „Лидл“. Комплексот се простира на 170 хектари, а самиот објект ќе биде со површина од 64.000 метри квадратни. Инвестицијата е вредна 80 милони евра и ќе се отварат нови 150 работни места.

„Лидл“ ја купи парцелата во индустриската зона во Речица лани во септември, а земјиштето со површина од 17 хектари го плати 5,3 милиони евра. Тогашниот премиер Димитар Ковачевски и екс-министерот Фатмир Битиќи, како и градоначалникот Максим Димитриевски, кажаа дека две години биле потребни за да се завршат сите законски процедури за да дојде до почнување на изградбата на овој комплекс.

Компанијата „Лидл“ е една од водечките компании во прехранбената индустрија во Германија и Европа. „Лидл“ моментално работи со над 12.200 продавници и повеќе од 220 логистички центри и магацини во 31 земја. Како супермаркет со пониски цени, „Лидл“ го вреднува оптималниот сооднос цена-квалитет за своите потрошувачи. Едноставноста и посветеноста кон процесот ги одредуваат секојдневните делувања во продавниците, регионалните дистрибутивни центри и услугите на компанијата. „Лидл“ во моментов има околу 376.000 вработени на меѓународно ниво.

Слични содржини