Липавски до Османи: Вашата надворешна политика е 100% усогласена со европската

од Vladimir Zorba
254 прегледи

Секогаш е задоволство да сум тука во Скопје и да се сретнам со моите македонски пријатели и партнери. Вие сте еден од нашите најсигурни партнери надвор од Европската Унија. Ова го истакна Александар Шаленберг, министерот за надворешни работи на Австрија кој вчера заедно со своите колеги, министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, беа во посета на земјата и имаа средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Ова се тројца министри кои се најверни поддржувачи на Северна Македонија и на Балканот. Не сме тука на билатерална основа туку да изразиме јасна порака од господинот Борел. Не се случува секој ден тројца министри на три членки на ЕУ да дојдат во земја на Западниот Балкан што треба да биде силна порака за вас. Нашата порака е едноставна и силна. Тоа е порака на охрабрување, нема одлагање. Мора да почнете со уставните измени за да почнете со преговорите за членство“, беше пораката од Шаленберг, кој додаде дека Северна Македонија е модел за регионот и ЕУ сака таа да остане светол пример.

Како поткрепа на ова, чешкиот прв дипломат, Липавски, рече дека Северна Македонија секојдневно ги подобрува своите перформанси. Зборувајќи за тоа, Липавски истакна дека земјата е 100% усогласена со заедничката надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Тој не пропушти и јавно да му се заблагодари на министерот Османи за тоа.

„Би сакал да и честитам на Северна Македонија и лично на министерот Османи за успешно Претседавање со ОБСЕ“, рече Липавски.

Целата Европската Унија препознава дека Северна Македонија е подготвена успешно да ги заврши пристапните преговори, беше пораката од Влаховски, министерот за надворешни работи на Словачка.

„Ова е докажано со успешниот скрининг процес кој ќе заврши во ноември оваа година и потоа ќе почнат да се отвораат кластерите и поглавјата“, рече Влаховски.

Тој додаде дека сака Северна Македонија да биде лидер во регионот на процесот на евроинтеграција, како пред две децении и дека оваа мисија, како што ја нарече, се надева дека ќе заврши до 2030 година.

„Ве очекуваме да станете членка на ЕУ што поскоро“, рече Влаховски.

Слични содржини