Германската државна секретарка за Европа, Ана Лирман, рече дека во однос на европската перспектива на Западен Балкан, Европската унија сега мора да постигне „значаен напредок“ со отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија „што е можно поскоро“.
„Јасно ми е дека мораме да ги исполниме нашите ветувања. Има многу јасни правила во процесот на пристапување. Значи, доколку се спроведат реформи, тогаш овие земји ќе бидат чекор поблиску до ЕУ“, рече Лирман во интервју за EURACTIV.
Кога станува збор за концептот на Европа во неколку брзини, Лирман рече дека постои можност за побрза интеграција на земјите кои се поподготвени, но дека поради војната во Украина „сега не е време да се донесе таква суштинска одлука“.
„Сега, во сегашната сеопфатна криза, фокусот на федералната влада е прво да ги задржи сите заедно и да бидеме колку што е можно пообединети, особено во однос на големите прашања“, нагласи Лирман.
Таа рече дека пред земјите од Западен Балкан да станат членки, ЕУ мора да започне со институционални реформи.
„Ние како ЕУ мораме да ја завршиме домашната задача и да се подготвиме институционално за да можеме добро да функционираме како Европската унија од 33 или повеќе земји“, рече Лирман.
Според Лирман, проширувањето на ЕУ е тесно поврзано со способноста на Унијата да дејствува и во таа смисла е важно да има помалку можности за вето во надворешната политика на ЕУ.
„Она што е многу важно за нас како федерална влада е да има помалку опции за вето во надворешната политика за да можеме да бидеме поспособни да дејствуваме. Веќе има можности за тоа во постојните рамки на договорот и сега треба заедно како европски институции да разговараме како најдобро да го постигнеме тоа“, рече Лирман.
Германскиот државен секретар рече дека ЕУ реагирала на руската агресија во Украина пообединето и одлучно од кога било и дека тоа покажува дека има силна основа за преговори за напуштање на принципот на едногласност при одлучувањето за прашањата на надворешната политика.
„Мислам дека во земјите-членки се повеќе се разбира дека навистина треба да заземеме порешителен заеднички став во овој променлив геополитички контекст. Затоа, мислам дека е секако можна дебата за тоа прашање“, додаде Лирман.
По повод Конференцијата за иднината на Европа, која завршува денеска, Лирман рече дека е важно ЕУ да го започне процесот на институционални реформи споменати за време на Конференцијата.
Лирман додаде и дека за резултатите од конференцијата треба да се разговара „со отворен ум, вклучително и отвореност за промени во договорите“.
На краток рок, Лирман рече дека фокусот треба да биде на предлозите дадени на Конференцијата кои не бараат промени во основачките договори, на пример во областа на обновливите извори на енергија или зајакнувањето на европските одбранбени способности.