Лишен од слобода навивачот од Прилеп кој се обиде да влезе во соблекувалната на Шкендија Арачиново

Прилепчанецот го нарушил јавниот ред и мир со оштетување и уништување инвентар и други делови од спортскиот објект

од Nikola Popovski
33 прегледи Фото: Принтскрин

Во денешниот полициски билтен на МВР е објавена информацијата дека е уапсен навивачот, кој што вчера се обиде да ги нападне играчите на Шкендија Арачиново, по завршувањето на дуелот на оваа екипа на гостински терен против Победа во Прилеп, во рамките од десеттото коло од ВМФЛ шампионатот.

-На 01.11.2025  во 15:30 часот на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Ф.З.(33) од Прилеп затоа што го нарушил јавниот ред и мир со оштетување и уништување инвентар и други делови од спортскиот објект.

Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе следува соодветна пријава, стои во полициското соопштение.

Според објавеното видео на социјалните мрежи, навивачот на прилепска Победа сакал да се пресмета со гостинските фудбалери, откако најпрво го скршил прозорецот од соблекувалната.

Иако мечот помина без поголеми проблеми на теренот, велат од таборот од Прилеп, по неговото завршување настана инцидент предизвикан од провокација на дел од гостинската екипа.

-Според присутните сведоци, кон домашната публика беа фрлени шишиња од страна на играчи и членови на гостинскиот тим, што предизвика реакција од дел од прилепската публика.

Навивачите на Победа, испровоцирани од ваквиот потег, спонтано реагираа, но ситуацијата брзо беше ставена под контрола благодарение на брзата интервенција на обезбедувањето и присутните редари, како и полицијата, порачуваат од Победа.

🎥Немили сцени и тензии во Прилеп: Навивач сакаше да влезе во соблекувалната на Шкендија Арачиново