Единицата за економски криминал при СВР Скопје денес го приведе директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахадин Рустеми, и одзеде дополнителна документација поврзана со постапувањето на претпријатието. Според првичните информации, лишени од слобода се две лица, а по комплетирање на материјалите се очекува поднесување кривична пријава до обвинителството.
Приведувањето следи по повеќемесечни контроверзии околу управувањето со јавната чистота во главниот град и институционалните реакции на надлежните служби. Надлежните засега не соопштуваат детали за кривичната основа, ниту за временската рамка на понатамошните постапки.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека смета оти проблемот со сметот во главниот град ќе има разврска, која што, како што рече ќе биде многу интересна. Мицкоски ова го посочи одговарајќи на новинарско прашање дали добил конкретни предлози од институциите во врска со решавањето на сметот во главниот град или пак ги чека активностите на Обвинителството, кое минатата недела започна постапка и дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело во врска со состојбата со отпадот во Скопје.
-Мислам дека таму ќе има разврска, која што ќе биде многу интересна да ја следите, рече Мицкоски, денеска по посетата на ГОБ „8 Септември“, каде изврши увид на нова апаратура во одделот за физикална терапија и рехабилитација.
Рустеми беше поставен на позицијата директор на 29.01.2025 година со одлука на градоначалничката Данела Арсовска.