Листа на најмоќни пасоши: На кое место е рангиран македонскиот?

од Берта Китинска
425 прегледи

Патната исправа на земјава е рангирана на 31 место на листата на Глобалниот индекс на најмоќни пасоши на „Артон Капитал“ за 2021 година, изработена врз основа на тоа во колку држави со нив може да се патува без виза.

Според оваа класификација, која опфаќа 193 држави и шест територии и се однесува за првиот квартал од 2021 година, со пасошот на Северна Македонија може слободно да се патува во 108 земји ширум светот, од кои во 66 без виза.

На врвот на листата е пасошот на Обединети Арапски Емирати, со кој слободно може да се патува во 152 држави, од кои во 98 без визи, во 54 земји со визи при пристигнување, а во 46 земји со преходно обезбедување виза.

Втора на ранг листата е патната исправа на Нов Зеланд со можност за слободно патување во 146 држави, од кои без визи во 98 земји. Третото место го делат Германија, Финска, Австрија, Луксембург, Шпанија, Италија, Швајцарија, Австралија и Јужна Кореја, чии државјани може да патуваат во 144 држави.

На листата на глобално ниво за постигнување на највисока оценка за мобилност, на делба на четвртото место се Шведска, Холандија, Данска, Белгија, Португалија и Ирска со можност за патување во 143 земји, а петто место го делат Франција, Малта, Чешка, Грција, Полска, Унгарија, Велика Британија, Канада и САД, со чии пасочи може да се патува во 142 земји.

Северна Македонија е на делба на 31-то место со Тринидад и Тобаго. Од земјите во регионот, најдобро рангирана е Грција на делба на петото место (влез во 142 држави/во 104 без виза), пред Словенија на делба на шестото место (влез во 141 држава/безвизен режим со 103 држави). Следи Хрватска на девето место со влез во 137 држави и безвизен режим со 99 земји, на десето место со влез во 136 држави се Романија (безвизен режим со 99 земји) и Бугарија (безвизен режим со 97 држава), а Србија е 29-та со влез во 111 држави и безвизен режим со 71 држава.

По нас на ранг листата се Црна Гора (37-ма со влез во 102 држави, безвизен режим со 62 земји), Босна и Херцеговина (38-ма со влез во 101 држава, безвизен режим со 62 држави), Албанија (39-та со влез во 100 држави/безвизен режим со 60 земји), и Косово (81-ва со влез во 48 земји/безвизен режим со 14 земји).

Последен на листата, како 93-ти, е пасошот на Авганистан со кој може да се патува без виза во само четири држави, а визи на Авганистанците им се потребни за влез во 166 држави.

Рангирањето се заснова на слобода на движење и патување без визи до носителите на пасоши. Јачината на пасошот не го претставува само идентитетот на граѓанинот, туку и важен фактор што влијае на неговиот пристап до глобалните можности, леснотијата на движење и квалитетот на животот. Рангирањето е сменето откако аранжманите без визи станаа ништовни меѓу земјите по избувнувањето на пандемијата на Ковид-19. Со цел да се спречи пандемијата, многу земји воведоа ограничувања за патување во држави каде дневните случаи на Ковид-19 се високи.

Според Извештајот на „Артон Капитал“, додека човештвото чекаше глобалната мобилност брзо да порасне откако ќе заврши 2020 година, ние наместо тоа се најдовме на другиот крај на линијата, во 2021 година, се уште сме на чекање. Европа, се посочува, продолжува да владее на врвот на најмоќните пасоши во светот, иако таму има интересно поместување во рангирањето.

– Светската оценка за отвореност е клучната мерка за да се прикаже дали владите се подготвени за повторно отворање на границите, и со само 1,7 отсто зголемување за четири месеци, се чини дека довербата за враќање на отворените граници, допрва треба да се постигне. Дали ова ќе му овозможи на светот дополнително да ги имплементира протоколите за безбедност и патувањето да го направи поодговорно или дали тоа значи дека патувањето ќе мора да се промени целосно преку воведување пасоши за вакцини и биометриски скенирања. Едно е сигурно, додека светот е во мирување, глобалната мобилност претрпува темелна трансформација, стои во Извештајот.

Слични содржини