Европскиот глас на граѓанското општество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институт на Европска инвестициoна банка, денес ја објавија листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021, а меѓу нив е и зградата на Централна пошта во Скопје. Покрај нашата Пошта, на листата се уште 6 споменици и локалитети на културно наследство во Австрија, Хрватска, Грција, Италија, Косово и Шпанија. Секој од загрозените спомениците на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе кон зачувување.
„Целта на нашата листа на 7 -те најзагрозени за 2021 година е да алармира за сериозната закана со која се соочуваат овие локалитети. Од извонредниот средновековен манастир до прекрасната ренесансна градина, од индустриски и модерни конструкции до иконски културни пејсажи: овие локалитети се важни сведоштва за нашето заедничко минато, меморија и идентитет“, рече Гај Клаус, заменик-претседателот на Европа Ностра.
И Поштата, која за влез на листата беше номинирана од скопскиот Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергија (ИЕГЕ), како и другите шест загорезени споменци ќе добијат експертска помош од Европа Ностра и ЕИБ како и совети за мобилизација и на меѓународна помош и за идни активности.
Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Шалтер салата, за која претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) проф. д-р Мишко Ралев вели дека е врв на творештвото на Константинов, е изградена во 1974. Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.
Објектот на Централната пошта, вклучувајќи ги нејзините главни ентериерни и ѕидни обработки, денес е уште повеќе загрозен од неупотреба и влошување, засилено со присуството на поткопување од ерозијата предизвикана од покачување на подземните води поради непосредната близина на реката Вардар. Бидејќи зградата сè уште е без покрив, таа страда од директната изложеност на атмосферски влијанија со врнежи од дожд и снег кои продираат во целата нејзина внатрешност.