За Грција часовникот веќе покажува малку пред 12 часот: планот со реформи на Атина се уште изгледа недоверлив за земјите-кредитори. А дома премиерот Ципрас се соочува со растечки внатрешно-политички отпор.
Со доверителите е постигната “принципиелна согласност” за идната даночна политика на Грција, а овој понеделник во Брисел треба да биде претставен листа со “целосни и веродостојни реформи”. Овие информации од грчки владини извори досега ниту се потврдени ниту конкретизирани. Грчките медиуми јавуваат дека во планот на Ципрас со реформи за 2015 година се утврдени дополнителни приходи од 3 милијарди евра, економски раст од 1,4%, како и буџетски суфицит. Грција и партнерите од Европската унија, сепак сеуште не постигнале договор за кратењата на пензиите, реформите на пазарот на трудот и зголемувањето на ДДВ. А условот за обезбедување на наредната помош на Грција е европските партнери да ја одобрат листата со реформи на Атина, по што својот “благослов” ќе го да дадат и министрите за финансии од еврозоната.
Во меѓувреме, премиерот Ципрас ја потврди пред една недела заложбата на грчката Влада да не презема нови намалувања на платите и пензиите, да не допушта масовни отпуштања и да се воздржи од мерки кои би можеле да доведат до влошување на рецесијата и на социјалната криза. Ципрас изрази внимателен оптимизам, дека “наскоро ќе дојде до среќен крај во првата фаза од преговорите”. Истовремено, тој истакна дека “во Европа има сили,кои сакаат да пропаднат преговорите”.
Ја уценуваат Грција?
Во контекст на фактот дека од јули 2014 Грција не добива кредитни транши по линијата на спасувачката програма, левичарскиот пратеник Никос Филис беше доста категоричен: “Не може да се бара да се исплаќаат обврските исклучително и само од влезните приходи. Такво нешто нема аналогија – тоа е уцена “. Филис се закани со прекин на должничките плаќања ако неисплатените рати не бидат ослободени. Во таков случај владата “би требало да ги заштити потребите на грчкиот народ”, предупреди Филис.
Премиерот Ципрас изненадувачки закажа за понеделник попладне парламентарна дебата за моменталната состојба на преговорите со кредиторите. Шефот на конзервативната опозиција Андонис Самарас ја откажа својот важна партиска средба во северна Грција, за да може да учествува во дебатите. Се претпоставува дека Ципрас ќе бара остро противење со конзервативците и дури може да влијае за нерешеното, според него, прашањето за репарациите од Втората светска војна, за да постигне збивање на редовите во сопствената партија.

Според информациите на телевизијата Skai, Ципрас планирал да ги искористи овие дебати, за да даде отпор на внатрепартиските критики поради својата политика на преговори. Неодамна разликите во мислењата во владејачката партија Сириза се множат, што му создава дополнителни компликации на Ципрас. Последниот пример: додека министерот за поморски транспорт Теодорос Дрицас ја запира планираната приватизација на пристаништето во Пиреја, вицепремиерот Јанис Драгасакис увери дека приватизацијата на најголемото грчко пристаниште ќе продолжи. Кинеската бродоградба компанија COSCO, која од 2009 оперира дел од терминалите на пристаништето и е меѓу фаворитите за приватизацијата, била поканета – според зборовите на Драгасакис – да претстави конкурентна понуда за Пиреја.
Алтернативни извори на финансирање?
Паралелно грчката влада бара блискост со Русија. Посетата на енергетскиот министер Панајотис Лафазанис во Москва ќе биде проследена со посета на премиерот Ципрас во руската престолнина на 8 април. Но засега не е познато дали тој планира да побара финансиска помош од домаќините. Во интервју за весникот “Катимерини”, рускиот амбасадор во Атина Андреј Маслов се изрази повеќе скептично: ако грчката Влада побара кредит,би требало да бидат истражени можностите, како што му вети на својот грчки колега Котзиас рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Дипломатот сепак е на мислење дека кон економската помош на билатерално ниво треба да се пристапи многу внимателно, бидејќи Грција е дел од еврозоната. Покрај тоа, Русија и сега учествува во финансиската помош на Грција – по линија на членството на земјата во Меѓународниот монетарен фонд.
Во Атина беше распространето и едно непотврдена до моментот порака дека Јоргос Ципрас, братучед на премиерот и советник на министерот за надворешни работи Котзиас,го посетил неодамна Иран. Според информација на весникот “Та Неа”, претставникот на Атина ја замолил иранската влада да инвестира во грчки обврзници. Молбата сепак била одбиена – со упатување на санкциите на меѓународната заедница против Техеран.
