Листата се поништува: Нема да има предлог за новогодишни помилувања на осуденици

од Nikola Popovski
419 прегледи

Министерството за правда денес информираше дека оваа година нема да има предлог за новогодишни групни помилувања на затвореници.

-По консултација со Управата за извршување на санкциите, листата целосно се поништува. Ова се прави со цел да се даде време најнапред да се допрецизираат критериумите и законски да се зајакнат филтрите во однос на тоа како се составуваат листите со предлози на лица кој треба да бидат помилувани, се вели во соопштението.

Во него се додава дека во Министерството за правда постои работна група која работи на составување на нов предлог-закон за помилување, со кој ќе се зацврснат критериумите и ќе се дефинираат нови построги услови за тој кој може да биде помилуван.

-Со тоа сметаме дека ќе минимизираат шансите на овие листи во иднина да се најдат лица кои во јавноста предизвикуваат сомнеж за нормалното функционирање на правниот систем, информираат од ресорното министерство.

На претходниот список за помилување од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување како предлог до претседателот на државата Министерството за правда имаше 48 лица. Меѓу имињата, како што објавија дел од медиумите, беа и бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово…

Слични содржини