Ако се тргне лажниот бугарски триумфализам и политиканството кое го презентираат некои македонски „експерти“ кои се на иста линија со бугарските ставови, тогаш лесно ќе се види дека препораките се во целосна согласност со методолошките правила на историската наука воопшто и во целосна согласност со сознанијата на македонската историографија од последните седумдесеттина години, вели за „Локално“ историчарот Александар Литовски, откако пред два дена беа усвоени заклучоците на македонско-бугарската историска комисија.
Според него препораките за заедничко чествување сами по себе, „никако не влијаат врз историскиот наратив“.
-Впрочем, како смислено да се заборава дека „заедничко чествување“ нема да се случи „денес или утре“ заради работата на Комисијата за историски и образовни прашања, туку тоа е востановена пракса долги години наназад, а сепак историскиот наратив ниту во Македонија, ниту во Бугарија не се промени, смета тој.
Содржината на усогласените препораки на Комисијата предизвика бројни реакции, откако триумфалистички беа поздравени од платформата Национален круг „За Македонија“. Сметате ли дека презентираните препораки се „победа за бугарската историска наука“, како што ја опишуваат бугарските професори?
-Не може да стане збор за некаква „победа“ во ниту една точка од „препораките“. На пример, тие велат дека се прифатило оти „Цар Самуил е бугарски цар…“, а ако го погледнете текстот во препораката такво тврдење нема никаде, туку стои: „Цар Самуил е владетел на голема средновековна држава…“ Кога би било по бугарските желби и во согласност со бугарскиот триумфализам за некаква победа, би требало да пишува „Цар Самуил е владетел на голема средновековна БУГАРСКА држава“. Оттука, ако се тргне лажниот бугарски триумфализам и политиканството кое го презентираат некои македонски „експерти“ кои се на иста линија со бугарските ставови, тогаш лесно ќе се види дека препораките се во целосна согласност со методолошките правила на историската наука воопшто и во целосна согласност со сознанијата на македонската историографија од последните седумдесеттина години.
Според вас, дали формулациите за заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил, и препораките за менување на учебниците во двете земји кои ги усогласила Заедничката комисија, директно го менуваат историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија?
-Апсолутно не. Се работи само за препораки за заедничко чествување кои, сами по себе, никако не влијаат врз историскиот наратив. Впрочем, како смислено да се заборава дека „заедничко чествување“ нема да се случи „денес или утре“ заради работата на Комисијата за историски и образовни прашања, туку тоа е востановена пракса долги години наназад, а сепак историскиот наратив ниту во Македонија, ниту во Бугарија не се промени. Колку за илустрација и потсетување: во 2014 година во Рим заеднички чествуваа делегации на Македонија и Бугарија. Во состав на државната делегација за молебенот на традиционалната манифестација во чест на основачите на првата словенска азбука светите Кирил и Методиј, предводена од претседателот Ѓорге Иванов, беа и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и амбасадорите на Македонија во Рим и во Ватикан Оливер Шамбевски и Звонимир Јанкулоски. На молебенот на гробот на свети Кирил, присуствуваа амбасадорите на Бугарија во Рим и во Ватикан, Марин Рајков и Кирил Топалов, кој попатно кажано денес е во „бугарската комисија“ и е гласен негатор на македонскиот национален идентитет. Освен тоа, на чествувањето на бугарската делегација присуствуваат македонските амбасадори Шамбевски и Јанкулоски.
Освен тоа, во препораките за Кирил, Методиј, Климент и Наум, се зборува исклучиво за „сесловенски просветители“, што е апсолутно спротивно од „желбите“ на бугарските историчари и политичари нив да ги прогласуваат за „бугарски просветители.“ Погледнато од тој аспект, „препораките“ значат пораз на националистичката и ненаучна бугарска историографија.
Што се однесува до досегашните препораки за менување на учебниците во двете земји тие воопшто не се однесуваат на корекции во историскиот наратив, туку се обидуваат да корегираат конкретни непрецизности во историската фактографија. Впрочем, може да се забележи дека до сега е расправано за „бенигни“ проблеми и анационални прашања низ учебниците за полетните одделениа во двете земји. Не само што би било добро, туку нужно е, македонскиот дел од „Комисијата“ во идната работа да ги отфрли како неприфатливи за дискусија сите прашања кои тангираат некакви идентитетски сидра врз кои се темели македонскиот национален идентитет и македонската историографија. Договорот за добрососедство од 2017 година, на македонската страна тоа ѝ го овозможува затоа што се темели врз принципите на паритет и рамноправност.
Сметате ли дека Протоколот потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји кој е и составен дел на Преговарачката рамка, Бугарија може да ги користи за уцени и блокирање на евроинтеграциските процеси на Македонија?
-Што се однесува до Протоколот, може да се каже дека врз основа на досегашното искуство со бугарската дипломатија и бугарската официјална политика, сосема е извесно дека Бугарија ќе го користи за уцени и блокирање на евроинтеграциските процеси на Македонија. Работа на македонската политика и македонската дипломатија е, бескомпромисно, да ги одбијат сите атаци врз македонскиот идентитет и македонската државност. Тие во секој момент мора да имаат предвид дека македонската историја и македонскиот литературен јазик се темелите на македонскиот национален идентитет и со нив не смее да се прави никаква „политика“, не смее да има никакви отстапки и компромиси. Сето спротивно на тоа е чин на национално и државно предавство.
Дали овие решенија водат кон нормализирање и унапредување на соработката меѓу двата народа и двете држави, што е наш заеднички интерес?
-Низ историјата може да се забележи дека не постојат меѓународни „решенија“ кои водат кон „нормализирање и унапредување на соработката“ меѓу две држави и народи, ако зад нив не стојат добри и искрени намери. А, сосема е очигледно дека не само бугарската политика, туку и бугарското општество е заглавено во деветнаесет вековната „санстефанска фикција“, која произведува бесен бугарски националшовинизам и стремеж кон уништување на одделниот македонски национален идентитет. Таквата фашизоидна бугарска политика, во никој случај, не може да доведе до меѓусебно почитување и соработка, ниту до остварување на некаков заеднички интерес. Многу е поверојатно дека бугарските националистички провокации ќе предизвикуваат натамошни конфронтации и меѓусебна национална нетрпеливост.
Б.М.