Министерството за одбрана на Литванија го отвори првото од деветте училишта во земјата каде што деца на возраст од 10 години и постари и возрасни ќе учат да пилотираат, склопуваат и програмираат дронови, објави Ројтерс.
„Станува збор за градење воени одбранбени капацитети, што Литванија го сфаќа многу сериозно, бидејќи се граничи со Русија и Белорусија“, рече заменик-министерот за одбрана Томас Годљаускас.
Децата и другите учесници ќе бидат обучени да летаат со видео дронови, квадрокоптери и моноплани, рече наставникот Миндаугас Тамосаитис.
Во училиштето во Таураге, на 20 километри од руската енклава Калининград, децата вежбаат виртуелни летови на компјутери. Едно момче на полигонот вежбаше летање со мини-дрон горе-долу под надзор на наставници, понекогаш удирајќи го во земјата.
Децата се ентузијастични, рече нивниот наставник.
Литванија, членка на НАТО, побара од алијансата да ја зајакне својата воздушна одбрана откако два руски дрона се урнаа таму ова лето откако ја преминаа границата од Белорусија.
Минатиот петок, НАТО објави планови за зајакнување на одбраната на источниот дел од Европа, два дена откако Полска собори беспилотни летала што го нарушија нејзиниот воздушен простор, во првиот познат случај од ваков вид откако започна војната на Русија во Украина.